1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ештон ги повика Македонија и Грција да постигнат договор

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика Кетрин Ештон ги повика премиерите на Македонија и на Грција да постигнат решение на спорот околу името.

Високот претставник на Европската унија за надворешна политика Кетрин Ештон, која зборуваше во институтот „Вудро Вилсон“ во Вашингтон, направи споредба со премиерите на Србија и на Косово, кои со директни разговори успеаја да постигнат договор за повеќе отворени прашања, кој овозможува продолжување на интеграциите.

„Секогаш сум подготвена да помогнам, но ова решение, како во случајот на Србија и на Косово, зависи од тоа луѓето да се подготвени да ги направат потребните компромиси, да седнат на маса и да имаат повисока цел пред себе. А, повисоката цел е што можете да сторите за својот народ“, изјави Ештон, на прашање на претседателот на Обединетата македонска дијаспора Мето Колоски за тоа што прави за надминување на спорот меѓу Македонија и Грција.

Ештон додаде дека Европската унија ги поддржува напорите на Обединетите нации да се најде решение за спорот, кое ќе зависи и од желбата да се биде дел од Европската унија.

Македонскиот премиер Никола Груевски, по неодамнешната средба со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун во Њујорк, најави и личен ангажман на Бан да се реализира македонското барање за двете страни да седнат на високо ниво, нешто што грчкиот премиер Андонис Самарас одбива да го стори.

Самарас, кој исто така е во посета на САД, денеска почнува подолг престој во Вашингтон каде ќе се сретне и со потпретседателот на САД Џо Бајден. На Генералното собрание на Обединетите нации, вицепремиерот Евангелос Венизелос не дискутираше подетално за спорот за името, освен што побара Македонија да ја прифати грчката формула, според која новото име треба да се употребува во сите ситуации.