1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ештон ги повика Дачиќ и Тачи на нов состанок

Шефицата на европската дипломатија ги свика премиерите на Србија и Косово на нова средба во Брисел откако нивните заменици не успеаја да постигнат согласност за примена на договорот за северот на Косово.

Високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, Кетрин Ештон, ги повика во вторникот доцна попладнето (14.05) премиерите на Србија и на Косово, Ивица Дачиќ односно Хашим Тачи, на состанок во Брисел на 21-ви мај, на кој ќе разговараат за спроведување на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина кој беше парафиран на 19-ти април.

„Ги повикав премиерите Дачиќ и Тачи на состанок следната седмица, на 21-ви мај во Брисел, за да разговараме за заедничките чекори што треба да ги преземат во врска со спроведувањето на априлскиот договор. Брзото спроведување е од клучна важност и се радувам на разговорот со двајцата премиери“, се наведува во соопштението на шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон.

По потпишувањето на договорот во Брисел на 19-ти април, се одржаа два состанока на работните групи кои требаа да го договорат спроведувањето на постигнатиот договор, меѓутоа изостана напредокот, а двете страни меѓусебно се обвинуваа за неуспехот на тие разговори. Поради тоа, Ештон донесе одлука да ги повика премиерите на Србија и на Косово за на највисоко ниво се дојде до напредок во преговорите.

Постигнатиот договор предвидува автономија за заедницата на српските општини во северниот дел од Косово, каде што Србите се речиси стопроцентно застапени, меѓутоа во рамките на косовските институции. Тоа не го прифаќаат косовските Срби и изјавија дека нема да го спроведуваат. Напредокот прво во договарањето на оваа спогодба, а сега и неговото спроведување, е клучниот услов за напредувањето на Србија и Косово во европските интеграции. Србија очекува дека челниците на Европската унија на самитот во јуни ќе одредат датум за почетокот на пристапните преговори, а Косово очекува да добие одобрување за почетокот на преговорите за Спогодбата за стабилизација и асоцијација.