1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ештон во посета на Македонија

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Кетрин Ештон денеска (16.04) е во посета на Македонија. Вчера првиот дипломат на ЕУ водеше разговори во Црна Гора.

Посетата на Кетрин Ештон се совпаѓа со презентирањето на пролетниот извештај за Македонија од страна на еврокомесарот Штефан Филе пред Европарламентот, од кој зависи дали земјата ќе добие датум за преговори на самитот на ЕУ во јуни. Таа во Скопје треба да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со претседателот на опозициската СДСМ Бранко Црвенковски.

Спроти турнејата низ регионот првиот дипломат на ЕУ најави дека целта на посетата е интензивирање на процесот на евроинтеграција за земјите-аспиранти за членство во Унијата од регионот. „Ќе ги охрабриме шефовите на државите од регионот да продолжат со реформите и да развиваат односи на добрососедство“, изјави Кетрин Ештон.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски минатата недела истакна дека посетата на Ештон е дел од редовната комуникација со Европската комисија и нема дирекна поврзаност со прашањето за името и последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц.

„Се работи за нормална комуникација со ЕК по завршувањето на последниот пристапен дијалог на високо ниво. Ештон е фокусирана на дијалогот меѓу Белград и Приштина, но не мислам дека има корелација во однос на континуираниот процес кој го водиме во ОН за решавање на спорот со Грција“, рече Попоски.

Ештон: Црна Гора е пример во регионот

Македонија е една од станиците на Ештон за време на турнејата на Балканот. Таа вчера водеше разговори во Црна Гора и нагласи дека таа земја е пример во регионот кога станува збор за европските интеграции, а борбата против криминалот и корупцијата и натаму треба да бидат врвни приоритети на државата.

Ештон истакна дека не случајно ја избрала Црна Гора како прва држава што ќе ја посети на нејзината балканска турнеја. „Сакам прогресот на Црна Гора во европските интеграции да биде стабилен, а на тој план е многу важно борбата против организираниот криминал и корупцијата да бидат приоритет“, посочи Ештон.

Осврнувајќи се на црногорските претседателски избори таа ги повика сите страни да бидат конструктивни за тоа прашање.

Поврзана содржина