1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

ЕЦБ ќе ги контролира банките во еврозоната

Европската централна банка (ЕЦБ) има намера во наредните 12 месеци да изврши проверка на речиси 130 банки од 18 земји од еврозоната. Од германските банки ќе бидат контролирани 24.

Тестот на Европската централна банка е предуслов за ЕЦБ да може да го преземе надзорот над најважните банки во Европа, најверојатно кон крајот на 2014 година. Доколку банките не го поминат тестот, ќе мора да го подобрат сопствениот капитал. Сепак, сѐ уште е спорно дали со тоа ќе бидат побарани средства од даночните обврзници или од инвеститори.

ЕЦБ од банките бара таканаречената суштинска квота на капитал (која е показател за тоа колкав дел од ризиците банката би можела да покрие со сопствен капитал, а се добива кога ќе се поделат сопствениот капитал на банката со ризиците, како кредити или хартии од вредност, н.з.) да изнесува осум проценти. Проверката на банките ќе оди во три чекори, а последниот е таканаречен стрес-тест. За таа цел ЕЦБ, заедно со европскиот надзорен орган за банките ЕБА ќе развие кризно сценарио за да ја провери отпорноста на банките.

Како ќе се постапува со банките кои ќе покажат лоши резултати на тестот на ЕЦБ, се‘ уште не е извесно. Министрите за финансии на ЕУ го ослободија патот за банкарски надзор од страна на ЕЦБ. Тоа е првиот столб на т.н. европска банкарска унија. Со тоа треба да се спречи банките да доаѓаат во лоша состојба која би загрозувала цели држави.