1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

ЕЦБ ја покачи каматната стапка

Европската централна банка ги зголеми каматите во зоната на еврото од 4 на 4,25 проценти. Решението на банката беше очекувано со нетрпение и претставува реакција на порастот на стапката на инфлација.

default

Европската централна банка во Франкфурт

Првото покачување на каматната стапка за средства што деловните банки ги позајмуваат од емисионата беше очекувано. Инфлацијата во јуни достигна 4 проценти, двојно повисоко од горната граница за стабилност на цените, што банката ја дефинирана на два процента. Последното покачување на каматите на Европската централна банка беше лани во јуни. Сегашниот потег го навести претседателот на Банката Жан-Клод Трише веќе минатиот месец, по тогашната седница на Советот.

Експерти сметаат дека ова засега нема да има поголеми последици за потрошувачите. Германската индустриска и трговска комора го поздрави решението како вистинско средство против брзиот пораст на цените. Економските истражувачи од Рајнско-вестфалискиот институт оценија дека „доколку банката не дејствуваше сега, постоеше опасност инфлацијата да избега од контрола и ќе беа неопходни битно порестриктивни мерки во еден подоцнежен временски пункт.“

Штедењето станува поатрактивно

Главниот економист на Дојче Банк Норберт Валтер во изјава за Хесенското радио нагласи дека сега штедењето станува поатрактивно и се отвора перспектива за смирување на инфлацијата. Но, секоја мерка има и лоша страна - Валтер укажува дека мора да се прифати и можно подзапирање на стопанскиот пораст. Тој гледа опасност од стагфлација во Германија во наредната година - тоа е смеса од слаба конјунктура и висока инфлација.

Поранешниот германски министер за финансии Ханс Ајхел исто така не го исклучува тоа, но се’ уште оптимистички гледа на ситуацијата во германското стопанство. „Сите се согласни во прогнозите дека наредната година порастот ќе биде значително послаб, но никој во Европа не зборува сериозно за рецесија. Теориски може да се случи, но во моментов опасноста не е толку голема со послабиот пораст да имааме и висока инфлација. Севкупно, и посебно во Германија, стопанската ситуација е се’ уште робустна“.