1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

ЕУ ја губи атрактивноста

Откако Украина го сопре процесот на придружување кон ЕУ, во медиумите повторно почна расправата за атрактивноста на заедничкото европско семејство. Експертите и‘ советуваат да поработи на својот имиџ.

„ЕУ немаше доволно амбиции да ги врзе до себе новите демократии од Источна Европа по 1989 година“, го коментираше францускиот „Ле Монд“ одбивањето на Украина да го потпише договорот за асоцијација со ЕУ. Со години Брисел и Киев преговараа, а договорот конечно требаше да биде потпишан овој месец. Наместо тоа, Украина го притисна копчето за пауза, а за тоа, според украинскиот весник „Ден“ виновни се сите, и Владата и опозицијата и ЕУ“.

„ЕУ е сѐ уште атрактивна“, тврди бонскиот политиколог Лудге Кунхарт. Во разговор за ДВ тој вели дека токму тоа е причината што руското раководство, а делумно и украинското, се обидоа да го спречат натамошното приближување на Украина кон ЕУ.

Ни за Евалд Болке од Германското друштво за надворешна политика, одлуката на владата во Киев не значи дефинитивно „не“ за ЕУ.

„Атрактивноста всушност се состои во визијата или утопијата која ЕУ и‘ ја нуди на Украина: доколку ни се придружите, и вие можете да бидете успешни“, вели Болке, според кого ваквото мислење го делат и мнозинството украински граѓани.

Сѐ помал интерес во Турција

Украина не е единствената земја која и‘ го сврте грбот на ЕУ. И кај други земји, како Турција на пример, процесот на приближување е речиси запрен. По повеќемесечна пауза, преговорите продолжија овој месец.

Иако на највисоко ниво Турција со ситни чекори се движи кон Запад, меѓу турското население желбата за членство очигледно се намалува. Според студијата со наслов „Трансатлантски трендови“ на американската фондација Германски Маршалов фонд објавена годинава, само 44 проценти од Турците е за влез во ЕУ - четири проценти помалку од претходната година. Околу 34 проценти сметаат дека влегувањето во ЕУ би и‘ штетело на Турција. Пред речиси десет години, две третини од населението беа за влез во ЕУ, а само 9 проценти беа против.

Евалд Болке смета дека причината за тоа е долгото траење на преговорите. „Преговорите со Турција се водат од 1963 година. Треба малку да се размисли колку е тоа долг период“, вели Болке.

Губење на имиџот

За некои други земји, како Исланд на пример, желбата за членство во ЕУ беше само куса епизода. Владата во Рејкјавик ги замрзна преговорите, затоа што оваа земја, за разлика од Украина и Турција, помалку зависи од членството. „Финансискиот и политичкиот систем во таа земја се повторно консолидирани. А потоа повторно се отвори и расправата за идентитетот и прашањето дали е навистина добро Исланд повторно да се приклучува кон една заедница која од него бара да се откаже од дел од суверенитетот“, смета Кунхарт.

Причините за негативното расположение кон ЕУ се различни. Експертите сметаат дека клучот е во емоционалниот став кон заедничкото европско семејство. „Имаме проблем со имиџот, бидејќи ЕУ настапува како политичко чудовиште, а не како живо, пулсирачко битие. Тоа е најголемиот проблем кој во моментот го има ЕУ“, констатира Евалд Болке: „Европската унија мора конечно да почне да работи на маркетингот за Европа“.