1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ЕУ: Толку блиску, а толку далеку

Иако опаѓа процентот на граѓани кои мислат дека Македонија би имала полза од членството во ЕУ, тој и натаму е многу висок во споредба со земјите во регионот.

Македонија има голем сон да биде дел од ЕУ, ако се суди според бројните истражувања на јавното мислење. После Косово, во регионот Македонија рефлектира најголем интерес да се зачлени во ЕУ-клубот. Според податоците на Евробарометар, од 2008 година до лани, процентот на граѓани кои мислат дека земјата би имала полза од членството во ЕУ опаднал од 82% на 72%, но тој и натаму е исклучително висок во споредба со земјите во регионот.

Аналитичарот Сашо Клековски, се согласува дека евроатлантските интеграции на Македонија остануваат неспорни и со висока поддршка:

„Таа висока поддршка опстанува и покрај намалувањето на перцепцијата дека ЕУ-членството ќе биде добро за Македонија. Тоа што се менува е перспективата - кога ќе станеме членка на ЕУ? Ако песимистите во 2007 година сметаа дека ќе станеме членка во периодот од 2019-2022 година, сега тоа е оптимистичка прогноза. Таквата перцепција е поврзана со чувството дека добрососедските односи, односно спорот со Грција, стануваат непремостлива пречка", вели тој.

Младите сакаат во ЕУ

За граѓаните на Македонија една од главните придобивки од членството во ЕУ е економскиот развој на земјата, на второ место - одржувањето на мирот и стабилноста, на трето - повисокиот животен стандард, а на четврто - новите можности за работа. Македонија е во врвот на земји по извозот на млади квалификувани кадри, кои емигрираат во земјите на ЕУ.

Лидија Димова од Македонскиот центар за европско образование, вели дека по правило, младите најмногу веруваат во европските вредности и интеграции и поради тоа се една од најважните целни групи во стратегијата Европа 2020:

Symbolbild Mazedonien Karte

За граѓаните на Македонија една од главните придобивки од членството во ЕУ е економскиот развој на земјата

„Сепак, референдумот за влез на Хрватска во ЕУ покажа дека младите Хрвати се и најголемите евроскептици. Во Македонија, пак, според истражувањето на 'Реактор', младите се незадоволни, не веруваат дека можат нешто да сменат во државата и својата иднина ја гледаат надвор од границите на Македонија. Ова е поразителен податок за држава која наводно сака да стане членка на ЕУ. Но, загрижува и новата лексика која е лиферувана од медиумските центри на моќ на власта и која е се позастапена во општеството, како на пример, евробољшевици, европредавници, еврокукавици или брисељачишта", предупредува Димова.

За разлика од младите, голем дел од повозрасните граѓаните кои немале можност да патуваат во земјите на ЕУ, Унијата ја доживуваат како салонска творба. Како и во секој главен град, така и во Скопје, постои инфо-центар на ЕУ, па единствениот „контакт" на граѓаните со Европа засега е преку хартија - географски карти, брошури, економски информации и статистики, што е далеку од можноста за „љубов на прв поглед". Граѓаните малку знаат и уште помалку зборуваат за европските институции, за демократските вредности, за мултикултурата, за владеењето на правото, за обединувањето во различноста, што е и мото на Унијата.

Патот трасиран

Нано Ружин, универзитетски професор и поранешен македонски амбасадор во НАТО во Брисел, потсетува дека идејата за Европа е присутна во Македонија уште од периодот на распаѓањето на СФРЈ:

„Европското движење и движењето на Младите европски федералисти - JEF, беа конституирани во првите денови на независноста на Македонија. Во

Skopje 2014 Makedonija

Можеби за момент европските патишта на Македонија се блокирани, но нејзиниот пат е трасиран, вели Нано Ружин

Македонија европската идеја беше инспирација за младите политички елити во имплементацијата на демократијата и владеењето на правото во '90-тите години. Колку и да сме евроскептици, вообразени националисти и популисти, нашите предци со своите дела не' задолжија да бидеме дел од европското семејство. Можно е да постои и извесна криза на европската идеја, но младите генерации се 'осудени' да ги делат европските цели, идеи и стандарди. Можеби за момент европските патишта на Македонија се блокирани, но нејзиниот пат е трасиран и не е далеку денот кога ќе стане членка на ЕУ", оптимистички прогнозира Ружин.

Република Македонија има статус на земја-кандидат за членство во ЕУ од 2005 година. Долгогодишното одложување на датумот за почеток на пристапните преговори поради нерешениот спор за името, кај поголем дел од Македонците создаде чувство на евроскептицизам и недоверба во европските институции. Тие целосно би се согласиле со дел од познатиот говор на германскиот режисер Вим Вендерс, посветен на „душата на Европа": „Оние што живеат во Европа веќе се уморни од неа. Оние што не се во Европа сакаат да и' се придружат по секоја цена. На Европејците 'им е полн куферот од Европа'. Од друга страна, Европа е ветена земја, но се' додека ја посматрате однадвор..."
 

Не смедома"

На Конгресот на Европа одржан во далечната 1948 година, кој се смета за зачеток на идејата за изградба на ЕУ, британскиот премиер Винстон Черчил ја изговорил познатата  реченица: „Се надеваме дека ќе добиеме Европа во која секој граѓанин од секоја држава ќе ја смета Европа за своја татковина, и каде и да тргне на овој широк простор, ќе може да рече 'oвде сум дома'."

Но, денес внатрешната мобилност во ЕУ е многу мала. Според статистичките податоци, само 2 отсто од Европејците живеат во некоја од ЕУ - државите кои не им се матични земји. Според Гарет Хардинг, експерт за европска историја и политика, Европејците денес повеќе се зближуваат на неадминистративен начин и Европа на крајот ќе ја изградат самите Европејци, а не бриселските едикти. „Благодарение на нискобуџетните авиопревозници, Европјејците можат да отпатуваат во кој било дел од континентот по цена на еден ручек во ресторан за брза храна. Денес, за европските интеграции подеднакво се заслужни Стелиос Хаџи-Јоану од Еasy Jet и Мајкл О'Лири од Ryanair, колку и политичките творци на Европа, Роберт Шуман и Жан Моне", оценува Хардинг.

Граѓаните на Македонија со визната либерализација и евтините авио-летови добија можност без бариери да патуваат во ЕУ и да се чувствуваат како дома, но не и да речат „овде сум дома". Засега остануваат гости.