1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

ЕУ: Спорот со Кина за цената на соларните панели е решен

ЕУ и Кина се договорија за минималната цена за увоз на соларни панели, објави денеска еврокомесарот за трговија Карл де Гухт. Спорот за тарифите и обвинувањата за дампинг цени предизвика страв од трговска војна.

Еврокомесарот Карл де Гухт изјави дека двете страни го постигнале договорот „по интензивни разговори со недели“.

„Понајдовме спогодбено решение во случајот меѓу ЕУ и Кина за соларните панели, кое ќе доведе до нова рамнотежа на пазарот според одржливи цени. Ние сме убедени дека ова ќе го стабилизира европскиот пазар на соларни панели и ќе ја отстрани штетата што дампинг цените ја предизвикаа на европската индустрија“, изјави еврокомесарот за трговија.

Производството на соларни панели во Кина се зголеми за четирипати во периодот од 2009 до 2011 година, што е повеќе од целата светска побарувачка. Европската комисија ја обвини Кина дека со дампинг цени ги нуди своите панели во Европа под нивото на трошоци за нивно производство. Во јуни тоа доведе до воведување на казнена царина од 11,8 проценти, која требаше да се зголеми на 47 проценти, но таа сега ќе биде избегната со новиот договор. Минатата година увозот на соларни продукти од Кина во Европа бил во вредност од 21 милијарди евра.

EU Karel De Gucht PK Handel mit der USA

Карл де Гухт, еврокомесар за трговија

Како одговор на европската одлука во јуни, Кина објави дека ќе воведе антидампинг тарифи на хемиските производи увезувани од различни земји во ЕУ. Пекинг се закани дека тие ќе бидат воведени на 28 јуни и дека ќе се наплатуваат во следниве пет години. Во моментов е нејасно дали и Кина ќе се откаже од оваа такса.

Двете страни се најголеми трговски сили, ривали и во исто време партнери. Вкупната трговија минатата година изнесуваше 415 илјади милијарди евра. Европејците од Кинезите купувале производи од ајфони до челик.

Кинеската влада го поздрави договорот со ЕУ, кој го оцени како покажување „прагматичност и флексибилно однесување од двете страни и мудрост за решавање на ова прашање“. Портпаролот на кинеското министерство за трговија Шен Данјанг изјави дека договорот ќе поттикне „отворени, кооперативни, стабилни и одржливи економски и трговски односи“. Кина сака и во иднина да ја „промовира размената и соработката со ЕУ во полето на соларната индустрија“.