1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

ЕУ се подели околу генетски модификувана пченка

Генетски модификуваните растенија се секојдневие во многу земји во светот. Но, не и во Европа. Последен пат генетски модификувано семе е одобрено во Европа пред 15 години.

Барањето на една американска компанија за дозвола на генетски модификувана сорта на пченка предизвика големи полемики. Земјите-членки од ЕУ оваа недела донесоа одлука.

19 од 28 земји-членки на ЕУ гласаа против дозволата за одгледување на генетски модификувана пченка. Но, бидејќи големите земји имаат поголема тежина отколку малите, желбата на големото мнозинство не помина. Германија е поделена и затоа беше воздржана. Многумина се разочарани.

„Ова не е риба или месо. Морам да кажам дека сум вџашен, бидејќи гласањето на Европскиот парламент не беше земено в предвид, бидејќи ние остро се противиме генетски модификуваната пченка да добие дозвола во ЕУ“, реагира германскиот европратеник Матијас Гроте, кој доаѓа од редовите на СПД.

А, се работи токму за тоа што малото растение го има во себе. Сортата пченка 1507 на американската компанија „Пионир“ произведува отров за инсекти, со кој растението само си се штити од штетници. Освен тоа, растението е отпорно на средства за уништување плевел. Тоа е практично за земјоделците, а и добро за бизнисот. Со генетската техника годишно се прави обрт од добри 20 милијарди евра. Но, многумина стравуваат од несакани ефекти за луѓето и за природата. Затоа, 60 проценти од европското население е против генетски модификации. Сепак, пченката веројатно ќе се дозволи.

„Топката сега е кај Европската комисија и ние сме возбудени како ова натаму ќе се одвива. Ова е тема за која мора да се покаже многу големо чувство за одговорност“, забележува Михаел Рот, државен секретар во германското Министерство за надворешни работи.

Многумина стравуваат дека одлуката на европските министри ги отвора вратите за уште повеќе генетска техника. Многу американски концерни, како „Пионир“, би можеле да добијат непречен пристап на европскиот пазар преку Договорот за слободна трговија меѓу САД и ЕУ.