1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ се впушти во неморална игра

Ослободувањето на бугарските медицински сестри и палестинскиот лекар е направено откако официјално беa уплатeни 480 милиони долари во либиска анти-сида програма. Но, договорот со Либија, се чини е многу покомплексен.

default

Синот на Гадафи, Саиф ал-Ислам ал-Гадафи

Тоа беше долга и мачна драма, во која имаше речиси се‘ – деца инфицирани со вирусот ХИВ, теории за заговор, измачување, силувања, смртни пресуди и хепи енд со горчлив вкус. Многу нешта укажуваат на тоа дека либискиот револуционерен водач, Моамер ел-Гадафи од почетокот имал намера да ги употреби петте бугарски медицински сестри и палетсинскиот лекар како политички инструмент. Размислувањата на револуционерниот лидер би можело да се движат по следниот урнек. Прво, кога станува збор за спасување недолжни граѓани на ЕУ, бриселскиот клуб може многу лесно да се уценува. Тоа недвосмислено го потврдува и неговиот син, Сеиф ал - Ислам ал – Гадафи, во интервјуто за телевизијата Ал Џазира. Второ, решавањето на случајот во пакет – ослободување на медицинските сестри за пари и истовремено подобрување на односите со ЕУ, би му го овозможило не само посакуваното приближување до ЕУ, туку би му овозможило и зачувување на образот на внатрешно-политичката сцена. И, трето, во рамки на ваквото решение во пакет, би можеле да се изнудат различни билатерални предности за Либија. На пример, ослободување на атентаторите во случајот Локерби од затвор во Британија и бизнис со нафта со БП, кои беа тема на разговорите со Тони Блер, како посредник на ЕУ за медицинските сестри. Или, нуклеарниот договор со францускиот претседател, Никола Саркози. Или, сеуште нејасниот ангажман на емирот од Катар, кој не бесцелно платил дел од парите за ослободување на затворените. Тука се‘ погласно се шпекулира дека Катар е многу заинтересиран за натамошни зделки со европскиот концерн ЕАДС, кој треба да го снабди Гадафи со ракети за против-тенковска одбрана.

Европејците се впуштија во неморална игра. Дилот на ЕУ со Либија станува особено невкусен по изјавите на синот на Гадафи дека децата биле инфицирани уште пред да пристигнат бугарските медицински сестри и дека затворените биле измачувани. Зашто осумгодишната судска фарса не била ништо друго освен киднапирање, кое, и покрај спротивните трвдења на ЕУ, на крајот заврши со исплата на откуп и различни противуслуги за грабнувачите. Да не зборуваме за тоа дека еден исклучително многу непредвидлив диктатор како Гадафи стапи повторно на светската сцена и се вооружува со опасни технологии.

Под линијата, сепак, остануваат две половично добри вести. Луѓето во Бугарија првпат добија цврст доказ каква е предноста на тоа да се биде член на ЕУ. А, ЕУ, и покрај раните, остана верна барем на еден од своите основни принципи – заштитата на животот и на човековите права на нејзините граѓани.