1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

ЕУ сака да биде медијатор во Украина

Протестите во Украина започнаа откако претседателот Јанукович се одлучи за Русија наспроти ЕУ. Досега, ЕУ се држеше резервирано во однос на конфликтот, но сега се навестуваат промени.

ЕУ беше изненадена откако украинскиот претседател Виктор Јанукович одлучи да не го потпишува Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ и наместо тоа да се сврти кон Русија. Брисел беше разочаран но соопшти дека вратата кон ЕУ за земјата останува отворена. ЕУ изразуваше вознемиреност поради насилството кое полицијата го применуваше кон демонстрантите во Киев и во други градови. Но, ништо повеќе од вознемиреност. Досега, повиците на опозицијата за санкции кон украинската влада не наидуваа на одек во Брисел.

Но кризата ескалира во последната недела. Парламентот неодамна донесе пакет закони со кои значително се ограничува правото на протест. Радикалните демонстранти почнаа да водат улични војни со полицијата, голем број луѓе беа ранети, повеќемина го загубија животот.

Европскиот комесар за проширување Штефан Филе пристигна во Киев во екот на насилствата. Се сретна со украинскиот претседател, со опозицијата и со претставници на граѓанското општество. Но нејасно е кои се резултатите од неговата посета.

Филе е првиот високо рангиран политичар на ЕУ кој дојде во Украина по ескалацијата на протестите. Неговата задача беше да ја потсмири тензичната состојба. Но и Филе се соочи со дилема. Тој очигледно сака да ги седне на преговарачка маса претседателот и опозицијата. За да го оствари тоа, тој не може да си дозволи да се заканува, а токму тоа од него го бара опозицијата.

„ЕУ има големо влијание врз Јанукович и луѓето околу него кои ги чуваат своите пари во земјите од ЕУ“, вели опозицискиот лидер Витали Кличко за ДВ. Украинските опозиционери бараат да бидат блокирани сметките на водечките украински политичари. Демонстрантите на улиците на Киев се согласуваат. Прашани како ЕУ може да и помогне на Украина, сите едногласно велат: со санкции.

ЕУ не е официјален медијатор

ЕУ досега беше остро критикувана поради нејзиниот став во однос на кризата во Украина. На интернет форумите, изјавите на европските политичари кои ја отфрлаат можноста за санкции се жестоко напаѓани. Многумина сметаат дека ЕУ ги остава Украинците сами на себе. Дополнително, мисијата на Филе е дополнително искомпликувана со фактот што тој не е официјален медијатор, позиција за која му е потребна формална покана од украинската влада. Опозицијата, од друга страна, сака да ја види ЕУ во улога на медијатор.

„Ќе биде тешко да се најде излез од кризата без посредништво од Западот. Сметаме дека е неопходно нашите западни партнери да бидат дел од овој процес“, вели Арсениј Јатсенук, опозициски лидер.

Stefan Füle / Arsenij Jaznejuk / Kiew / Ukraine / EU

Штефан Филе и Арсениј Јатсенук

Но претседателот се двоуми дали да ја покани ЕУ како медијатор. ЕУ веќе се јави како посредник за време на кризата во 2004., за време на ткн. „Портокалова револуција“. Тогаш протестите ги предизвикаа лажирани избори во корист на Јанукович. По повтореното гласање, тој ги загуби изборите. Оттогаш, Јанукович нема голема доверба во западните медијатори. Но, ескалацијата на кризата веројатно ќе го натераат да направи отстапки. Тој веројатно ќе дозволи мешање однадвор, но под услов и Русија да земе учество, проценуваат аналитичарите. Во секој случај, ЕУ се обидува да ја задржи својата де-факто медијаторска улога. Следната недела во Киев се очекува и шефицата на надворешната политика на ЕУ, Кетрин Ештон.