1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

ЕУ: „Проширување со две брзини“ на Балканот?

Јасно е дека до ново проширување на ЕУ ќе мине подолго време. Затоа најважно прашање не е „кога ќе се влезе“, туку „што ќе се случува во чекалницата“. Неопходно е двете страни да останат заинтересирани и ангажирани.

Иако претставниците на ЕУ до еден велат дека проширувањето на Унијата е една од најуспешните европски политики и оти европскиот проект не е завршен без Балканот во европската заедница, аналитичарите во Брисел предупредуваат дека „моторот на интеграција“ ја губи својата сила и тоа со алармантна брзина. По влезот на Хрватска низ „никогаш толку тесната“ врата на ЕУ, на Балканот започна да се формира слика за т.н „проширување со две брзини“. Првата група на оние кои „одат напред“ ја сочинуваат Црна Гора, Србија и Албанија, додека во „заднината“ се Босна и Херцеговина, Македонија и Косово. Во Центарот за европска политика (ЕПЦ) овој тренд го сметаат за еден од клучните проблеми на евроинтеграцискиот процес.

„Ако таквиот тренд продолжи, нема да постои перспектива за позитивен натпреварувачки притисок меѓу тие две групи ни меѓу земјите во групата која заостанува“, вели во разговор за Дојче Веле, Корина Стратулат, аналитичарка на ЕПЦ и координатор на Балканскиот форум. „Додека првата група напредува, другата дури оди во спротивна насока и назадува. Тоа посебно се однесува на БиХ и Македонија. Ниту оние земји кои заостануваат не можат да се завртат една кон друга и да најдат инспирација да тргнат напред бидејќи ситуациите им се толку различни.“

DW.COM

Кој во ЕУ го води процесот на проширување?

Додека сѐ уште останува да се види дали проширувањето ќе остане и натаму да се обликува во „две брзини“, што според зборовите на Корина Стратулат не е оптимистично сценарио, втор проблем претставува т.н „национализација на процесот на проширување“ , која веќе е фактичка состојба. Имено, процесот на поширување сѐ повеќе го води Советот на ЕУ, а се помалку Европската комисија. Советот е тој кој поставува услови и критериуми. Тоа посебно се однесува на Германија и нејзиниот Бундестаг кој речиси ја презеде клучната улога во оценувањето на прогресот во регионот.

„Може да се каже дека на тој начин процесот на проширување е поинклузивен и подемократски, бидејќи се во прашање националните парламенти на земјите-членки, но тука постои ризик од преголемо мешање со технократските процедури и ризик од чести блокади. Процесот на тој начин е често забавен, не само поради проблемите во регионот на Балканот, туку и поради пречките кои се прават во земјите-членки. Тоа процесот на проширување го прави понепредвидлив и влијае врз неговата веродостојност“, објаснува Стратулат.

Што конкретно значат пораките од Брисел за Балканот?

Третиот клучен проблем на евроинтеграциите на Балканот се гледа во реториката на Европската унија. Во Центарот за европска политика велат дека ЕУ говори „вистински работи“, како што се „инсистирањето на промоција на демократијата“ или „желба за просперитет во регионот“. Сѐ се тоа добри цели, но што значат тие конкретно за животот на луѓето во регионот?, прашува Корина Стратулат во својот последен извештај за политиката на проширување на ЕУ на Балканот. „Важно е да се постават конкретни цели, кои ќе направат конкретна разлика во животите на луѓето на Балканот и кои на теренот ќе ги демонстрираат вредностите на проширувањето и интеграцијата на ЕУ. Важно е проширувањето да стане прв избор на луѓето и земјите да останат заинтересирани и искрено да продолжат на патот кон ЕУ“, истакнува Стратулат.

Како да се оддржи процесот на проширување?

Во Центарот за европска политика во Брисел укажуваат дека земјите од Западен Балкан побрзо би напредувале на својот европски пат кога би можеле да ги премостат меѓусебните разлики по тоа прашање, ако ги воочат и научат заедничките лекции и меѓу себе најдат инспирација. Истовремено постои и потреба земјите-членки на ЕУ да бидат свесни за меѓусебната зависност како во предизвиците, така и во можностите кои ЕУ ги има со Балканот и повеќе да се ангажираат околу тоа. Тоа се однесува не само на Германија, потпомогната од Велика Британија, туку на сите 28 членки. Од друга страна , од ЕУ се очекува сите земји аспиранти за членство, без оглед на нивниот степен на интеграција да ги ангажира во конкретни работи, кои би имале одраз врз животот на луѓето на Балканот, како што се на пример транспортот, енергијата и образованието.

„Потребно е да се најде начин и регионот на Балканот но и ЕУ да се држат ангажирани и поврзани за процесот на проширување. Јасно е дека ќе мине долго време до наредното пристапување во Унијата. Не е прашање дали ќе се случи тоа, туку кога и како и Балканот и ЕУ да се одржат активни и заинтересирани за тој процес“, заклучува Корина Стратулат од Центарот за европска политика во разговорот за Дојче веле.