1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ: Признавањето на Косово не е услов за Србија

Признавањето на независноста на Косово не е критериум кој се поставува пред Србија за да почне преговори за пристап или да влезе во Европската унија, беше повторено во Комисијата на ЕУ.

Од објективната проценка на сработеното во областа на реформите и нормализацијата на односите со Косово во последните 12 месеци ќе зависи и можноста за добивање препорака за датум за пристапни преговори на Белград од ЕУ.

„Србија е кандидат за членство во ЕУ, кој чека датум за почеток на преговорите за пристап во ЕУ, а тоа е заедничка одлука на сите лидери на земјите членки на Унијата“, е официјалниот став на Европската комисија. Иако во седиштето на Европската комисија во Брисел повторуваат дека не сакаат да коментираат изјави на поединци, „активни или некогашни политичари“, на информациите од медиумите за пораката на некогашниот претставник на ОН на Косово, Марти Ахтисари, дека на Србија не смее да и’ се дозволи влез во ЕУ додека не ја признае независноста на Косово, во Комисијата потсетуваат дека условите за евроинтеграција на Србија се познати.

„Кога се во прашање условите или критериумите, тие се јасно дефинирани, а признавање на независноста на Косово не е ниту приоритет, ниту критериум за Србија да почне преговори или да влезе во ЕУ“, вели за ДВ Петер Стано, портпаролот на европскиот комесар за проширување.

Се бара напредок во дијалогот

Она што во моментов се бара од Србија е да исполни еден од клучните приоритети, за кој во Европската комисија велат дека „јасно го дефинирале челниците на сите земји членки минатиот декември“.

„Во прашање е видлив и оддржлив напредок во односите со Косово. Тоа е клучен приоритет, кој мора да се испорача заедно со реформскиот процес внатре во земјата. Кога ќе ги види тие резултати, Комисијата ќе препорача почеток на пристапните преговори со Србија“, вели Стано.

Во овој момент, до новиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите во процесот на евроинтеграција остана малку повеќе од два месеца. Изборниот процес во Србија и формирањето на новата власт во земјата во голема мера ги одложи активностите и по прашање на реформските процеси, но и продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Во Брисел велат дека во октомври Белград ќе добие „искрен, објективен и непристрасен“ извештај за тоа што е сработено, а што не е.

Peter Stano Pressesprecher der EK für Erweiterung und Nachbarschaftspolitik

Петер Стано, портпаролот на европскиот комесар за проширување

„Ние го оценуваме она што се случило во последната година, значи од претходниот извештај, од октомври 2011. работите се развиваа, а ние отворено и објективно ќе ги процениме и ќе се знае што и како понатаму“, најавува портпаролот на Европската комисија.

Условен почеток на преговорите во декември?

Во бриселските кругови неофицијално се споменува можноста ЕУ на крајот на годинава да и’ додели на Србија „условен датум“ за почеток на преговорите, и дека повеќето од условите ќе се однесуваат на веќе дефинирани критариуми за нормализаиција на односите со Косово, почнувајќи од продолжувањето на дијалогот, имплементација на веќе постигнатите договори, преку слободно движење на КФОР и ЕУЛЕКС на северот на Косово, па до укинување на паралелните структури на северот. Во Европската комисија велат дека не сакаат однапред да шпекулираат и повторуваат дека основната порака од Брисел на Србија и’ е повеќепати кажана, а таа гласи: работата на реформската агенда, регионалната соработка и дијалогот со Приштина ќе донесат резултати.