1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

ЕУ почна преговори со Турција и Хрватска

40 часовните преговори, убедувања и договори конечно донесоа плод – почнаа преговорите на ЕУ и Турција за нејзино приклучување. Веднаш потоа беше обелоденето и почнувањето преговори на унијата со Хрватска.

Британскиот министер за надворешни работи, Џек Стро, пред новинарите

Британскиот министер за надворешни работи, Џек Стро, пред новинарите

Различното мерење на времето овозможи – преговорите на ЕУ со Турција за приклучување да почнат сепак на трети октомври – по британско време. Во Луксембург, каде со часови се полемизираше, се преговараше и договараше, веќе беше четврти октомври, но претседавач со унијата во моментов е Велика Британија.

Претседавачот на Советот на ЕУ, британскиот министер за надворешни работи, Џек Стро, тоа го објасни вака:

“Можевме да го исполниме рокот – трети октомври, зашто јас мојот говор го почнав пред полноќ по британско време, а тоа е времето на претседателството со ЕУ“.

Турскиот министер за надворешни работи, Абдула Ѓул, видно расположен реагираше - ова е првата европска лекција за Турција. “Џек ни рече дека е трети октомври и ние ќе научиме да ги играме овие игри под негово раководство“, изјави шефот на турската дипломатија.

Трети или четврти сеедно – ноќеска во Луксембург се пишуваше историја. По цели четири децении од поднесувањето на првото барање на Турција, почнаа преговори. Германскиот министер за надворешни работи, Јошка Фишер, објасни:

“Постојат определени рамковни услови кои мора да се почитуваат. Сега е потребен заеднички напор кој можеби ќе трае 10 до 15 години или повеќе, и на крајот ќе стои вистинското решение за полнорпавното членство – ДА или НЕ. Ова сега не е решение.“

Министрите за надворешни работи, до доцна попладне вчера се обидуваа да ја убедат Австрија да се откаже од своето барање – целта на преговорите – полноправно членство да не стои во рамката за преговори. Под притисок на 24-цата колеги, австриската министерка, Урсула Пласник, конечно се согласи со формулација во текстот која гласи: “Заедничка цел на преговорите е членство.“ Австрија успеа и со своето барање за укажување на членот 49 од Европскиот договор, кој предвидува детализирана листа со барања за секоја нова членка. Освен тоа, договорено е и – за секое ново прошируавње на унијата како важен критериум да биде воведена т.н. способност на унијата за прием. Пласник, видно исцрпена, изјави:

“Не станува збор за тоа дека ние поставуваме нови услови. Не се работи за тоа дека застапуваме привилегирано партнерство или дека воведуваме нови критериуми. Се работи за тоа да го прецизираме она што стои пред нас, него да го конкретизираме.“

Турската делегација се согласи со конкретизираниот предлог и се упати кон Луксембург. Наместо да стигне попладне, таа беше таму пред полноќ.

Австрија попуштила поради напредокот со Хрватска?

Набљудувачите тврдат дека Австрија попуштила во дел од своите барања, поради напредокот во однос на прашањето на Хрватска. Главниот обвинител, Карла Дел Понте, вчера оцени дека соработката на Загреб со судот во Хаг е задоволителна и дека хрватската влада се чини има политичка волја да го фати осомничениот воен злосторник, Анте Готовина и него да го испорача во Хаг. Официјално се деманитра дека постои поврзаност на соглансста за преговори со Турција и почетокот на преговори со Хрватска. Но, дипломати нагласуваат дека решението да се почнат преговори со Хрватска го омекнало ставот на Австрија и овозможило и почеток на преговори со Турција. Хрватскиот премиер, Иво Санадер изјави дека е тоа голем ден за неговата земја. Хрватска ќе продолжи со реформскиот курс и целосно ќе соработува со трибуналот, вети тој. Во заедничка изјава на министрите на ЕУ се нагласува дека доколку Хрватска заостанува во соработката со Хаг, разговорите можат да бидат забавени или запрени. Почетокот на преговори на ЕУ и Хрватска за приклучување беше првично предвиден за март годинава, но беше одложен поради недоволната соработка на Загреб во фаќањето на осомничените воени злосторници.