1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

ЕУ очекува преку 20 милиони невработени во еврозоната

Економијата на еврозоната ќе продолжи да тоне и во тековната 2013. година, соопшти ЕУ. Според прогнозите тоа ќе доведе до дополнителен пораст на бројот на невработените.

Еврозоната се соочува со уште една година рецесија и со невработеност која ќе надмине 20 милиони луѓе, велат проценките на Европската Комисија објавени денеска. Економското производство ќе падне за 0,3 отсто годинава, откако минатата забележа негатива од 0,6 проценти.

Тоа значи дека дополнително ќе расте и невработеноста и ќе надмине 12 проценти од работно активното население. Минатата година бројот на невработените изнесуваше 19 милиони луѓе или околу 11,4 отсто. Годинава нивниот број ќе надмине 20 милиони. За следната година се предвидува минимално намалување на бројот на невработените, но во најтешко погодени држави од кризата како Грција и Шпанија таа и натаму ќе опфаќа преку 25 проценти од населението. Годинава во Грција стапката на невработеност ќе достигне 27 проценти, додека во Шпанија 26,9 отсто.

Од друга страна, единствена земја во еврозоната која ќе остане под прагот од 5 проценти невработеност во рамките на блокот е Австрија со прогнозирана стапка од 4,5 отсто во 2013. година. Во Германија невработеноста се движи околу 5,7 проценти, во Франција 10,7; а во Италија 11,6 проценти.

Зимската економска прогноза на ЕУ предвидува уште една тешка година за земјите од еврозоната- дом на 340 милиони луѓе, додека во 2014. година се очекува благо опоравување и пораст од 1,4 отсто.

Се’ попроблематични се и состојбите во земји како Франција- втората најголема економија во еврозоната, чиј буџетски дефицит ќе биде полош од очекувањата и ќе достигне 3,7 проценти тековнава, и 3,9 проценти идната година. Критично е во Шпанија каде буџетскиот дефицит минатата година достигнал 10,2 проценти, наместо најавените 7 отсто од БДП, а следната 2014. година ќе се движи околу 7,2 проценти.

„Мораме да останеме на курсот на реформите и да продолжиме по истиот пат“, изјави еврокомесарот за економија Оли Рен на прес-конференција во Брисел, објаснувајќи дека намалениот раст и зголемената невработеност се природни последици на „ребалансирањето на европската економија“.