1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

ЕУ отвори ново поглавје во преговорите со Турција

За првпат по три години ЕУ повторно отвори ново поглавје во преговорите за пристап со Турција. Одлуката официјално е донесена денеска (22.10) на средбата на ЕУ министрите за надворешни работи во Луксембург.

Процесот е спор и макотрпен. Преговорите на ЕУ со Турција се во тек веќе осум години. Комесарот за проширување Штефан Филе посакува од денеска (22.10) преговорите да добијат нов полет. „Поминаа три години откако ЕУ го отвори последното поглавје во преговорите за пристап со Турција“, вели Филе.

Три години во кои на процесот на приближување му беа нанесени голем број противудари. Последен пат изминатото лето, кога турската полиција масовно со насилство и солзавец презема мерки против демонстрантите околу плоштадот Таксим во Истанбул. На преговори за пристап тогаш не се мислеше. Пред сѐ на притисок на германската влада, натамошните преговори беа одложени за извесен период. „Нашата одлука од летото не значеше затворање на врата, туку беше сигнал. И овој сигнал е слушнат и разбран“, вели германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле.

EU Türkei Istanbul Konferenz 07.06.2013 Stefan Füle

Еврокомесарот Штефан Филе

Сега преговорите треба да продолжат. ЕУ даде зелено светло за отворање на следното поглавје во преговорите со Турција, поточно за темата регионална политика. Тоа не е најважното политичко поле, и со сигурност, дури и ако овој тематски комплекс биде брзо обработен, нема да донесе значителен напредок во процесот на пристапување.

Некои ЕУ-држави се залагаат за тоа дека Брисел и Анкара наскоро ќе мора да преговараат за навистина важни работи. „Би имало смисла што поскоро да се отворат и поглавјата што се однесуваат на основните права и правосудството, за да стане јасно дека Турција која оди во правец на Европа така ги спроведува реформите во оваа област, за да се почитуваат човековите права“, вели шефот на австриската дипломатија Михаел Шпинделегер.

Ова значи, наместо да постои размена за риболовството, истражувањето, науката или автопатиштата во Анатолија, наскоро треба да бидат отворени важни поглавја. Значи поглавјата 23 и 24, односно темите: основни права и правосудство. Доколку ЕУ очекува промени од страна на Турција во овие области, тогаш преговарите за овие две поглавја се „најдобриот инструмент“, подвлекува ЕУ-комесарот Филе. „Ако сакаме Турција да се сврти кон фундаменталните основни права, тогаш мораме да ги користиме најефикасните орудија кои ги имаме за да ги постигнеме посакуваните цели“.

Досега за ЕУ дебатата со Анкара за фундаменталните човекови права беше премногу жешко железо, такаречи табу. Никој не сакаше да се впушти во тоа. Во меѓувреме, сѐ повеќе се пробива сознанието дека токму такви разговори би можеле да покажат дали Турција воопшто може да ги исполни условите за приклучување или не.