1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

ЕУ никако да постигне заедничка политика на азил

Со години земјите од ЕУ се обидуваат да се договорат околу единствен систем во однос на барателите на азил. Досега сите обиди пропаднаа, најмногу поради националните егоизми.

Целта на единствената европска политика на азил е официјално утврдена веќе 13 години. Есента 1999. година шефовите на влади и држави од тогашните 15 земји-членки беа се’ уште под впечатокот на движењата на бегалците од војните во поранешна Југославија. Некои земји од ЕУ како Германија и Австрија беа особено погодени, додека други не почувствуваа речиси ништо. Денес голем број бегалци во ЕУ доаѓаат преку Грција. Но, и Малта и Кипар се жалат дека се преоптоварени. Во 1999. година, шефовите на држави или влади се договорија дека земјите-членки треба заеднички да ја преземат одговорноста за бегалците. Но единствениот европски систем на азил и натаму чека на реализација. Најновиот рок за компромис беше пропуштен кон крајот на 2012 година.

При неодамнешниот обид да се постигне заеднички став во октомври минатата година, шведскиот министер за внатрешни работи Тобиас Билстром рече оваа тема е многу важна за неговата земја.

„Денес состојбата е таква што девет од 27 земји-членки примаат 90 отсто од барателите на азил кои доаѓаат во Европа. Јас сметам дека тоа бара поголемо

заедничко делување“.

Даблинска уредба

Во моментов во сила е т.н. Даблинска уредба, според која, онаа земја во која за првпат ќе влезе бегалецот, е задолжена за постапката на испитување на барањето за азил. Доколку бегалецот од таа земја замине во друга, тогаш таа може да го испрати назад во првата ЕУ земја. Оттука, земјите погодени со бегалскиот бран, како Грција, сакаат да ја променат Даблинската уредба. Германскиот министер за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих, пак, сака да се задржи уредбата, бидејќи стравува дека на тој начин уште повеќе азиланти би доаѓале во Германија.

Бегалската и политиката на азил веќе со години е жешка тема во ЕУ. Барателите на азил кои не можат да докажат дека во своите земји биле политички прогонувани, не се добредојдени. Србија и Македонија се меѓу оние земји во кои не се заканува политички прогон и затоа луѓето кои доаѓаат од таму треба брзо да се испратат назад, смета државниот секретар во германското Министерство за внатрешни работи, Оле Шредер.

Пратеничката во Европскиот парламент Надја Хирш, меѓутоа, смета дека во Германија е проблем тоа што барателите на азил, кои често се висококвалификувани не смеат да работат и поради тоа на нив се гледа како на товар. Таа ја истакнува Шведска како позитивен пример.

„Тие имаат далеку полиберална политика на пазарот на трудот. На тие луѓе им се овозможува многу брзо да работат. Тоа значи дека малку ја чинат државата, луѓето се интегрирааат и со својата работа придонесуваат и за економскиот раст“, вели Хирш.

Дали е Европа тврдина против странци?

EU Innenkommissarin Cecilia Malmström

Сесилија Малмстрем

Европската комесарка за внатрешни работи Сесилија Малмстрем застапува сличен став. Таа смета дека ЕУ и онака има заштитничка обврска кон оние на кои им е потребна помош. Што е Европа? Тврдина која се оградува од сите странци или отворен континент? Тоа прашање беше жестоко дискутирано во пресрет на доделувањето на Нобеловата награда за мир на ЕУ. Организацијата Амнести интернешнл нагласи дека ЕУ токму поради политиката кон бегалците не ја заслужува наградата.

Во 2011. година ЕУ прифати речиси 10 проценти од вкупниот број бегалци во светот. Тоа се 20 милиони луѓе или 4 отсто од населението на ЕУ, вели Малмстрем и додава дека тоа мора да се гледа од вистинската перспектива:

„САД примија 20 отсто од бегалците во светот. Тоа е 13 отсто од бројот на нивното население“.

Различните мислења за политиката на азил се судираат и во самата Европска комисија. Што се однесува до целта за формирање единствен систем, според актуелната состојба, крај на спорот во Брисел по тоа прашање не е на повидок, и тоа цели 13 години откако идејата воопшто беше формулирана.