1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ЕУ не треба да се плаши од Западен Балкан

Учесниците на МАРРИ иницијативата од Охрид порачаа дека ЕУ не треба да се плаши да го интегрира Западен Балкан. Тие официјално разговараат за проблемите со бегалците, азилантите и безбедноста на границите во регионот.

default

ЕУ

Европската унија не треба да се плаши од Западниот Балкан и неговото интегрирање - порачаа денеска од Охрид учесниците на МАРРИ иницијативата кои официјално дискутираат за проблемите со бегалците, азилантите и безбедноста на границите во регионот. Тие признаа дека главна тема им е визната либерализација и прашањето кога таа ќе биде спроведена.

Миграциите, азилот, управувањето со границите и бегалците се толку важни прашања кои за жал во последните дваесет години се присутни во регионот и мора да бидат решени на најдобар можен начин. Сето ова е значаен чекор кон интеграцијата во ЕУ и постигнувањето на европските стандарди. Желбата на граѓаните од сите земји во регионот е што побрзо да стапи во сила визната либерализација и тие да можат да патуваат слободно како што го правеле тоа порано.

Безвизниот режим - тема што ги поврзува земјите од регионот

Токму визната либерализација, иако не е главна тема на МАРРИ форумот, според учесниците всушност е темата што ги поврзува во Охрид. „Сакам да кажам дека оценките стигнаа и и’ честитам на Македонија, и на тоа што ги исполни сите услови. Многу сме задоволни што Црна Гора и Србија се многу блиску. Ние во Црна Гора за само три години од независноста направивме многу повеќе од некои други. Оптимисти сме дека ќе влеземе во првиот круг на либерализацијата по Нова година. Тоа се три земји, а би било голем успех ако сите пет земји се најдат на белата Шенген листа“, рече Јусуф Каламперовиќ, министер за внатрешни работи на Црна Гора.

Symbolbild Visum und Visa Warndatei

„Сите сме ставени под голем ренген. Доколку некои земји членки на ЕУ би биле скенирани би имале послаби резултати од сите нас. Потребни се стандарди, но и повеќе храброст од страна на ЕУ за приклучување на регионов кон Унијата“ , вели Каламперовиќ.

Учесниците на МАРРИ форумот сметаат дека Европа треба нешто да ризикува. Според нив Европа треба едноставно да ги ’проголта ’ земјите од Западен Балкан. Тогаш сите отворени прашања и проблеми во регионот ќе бидат решени.

Покрај исполнувањето на стандардите кога се работи за визната либерализација, ЕУ сигурно ќе одлучува и политички смета Зоран Петров, заменик министер за надворешн и на Република Македонија: „Секоја одлука на ЕУ меѓу другото е и политичка. Значи важно е да се исполни техничкиот аспект. Дали ќе се одлучи прво да оди само една држава, па после неколку месеци уште две други држави и натаму... Тоа веќе е работа на како што велиме на евро-бирократите и нивната проценка “.

Граѓаните на ЕУ ги генерализираат состојбите

Mazedonien Ohrid See

Охрид

Во Охрид беше и претставникот на претседавачот со ЕУ, Чехот, Павел Свитл. „Граѓаните на ЕУ обично ги генерализираат сите случувања во земјите од регионот и често сметаат дека некоја негативна појава што се случила во една од земјите, дека е одлика и за останатите“.

Мијо Крешиќ министер за внатрешни на Босна и Херцеговина призна дека таму проблемите се посложени:

„Босна и Херцеговина направи многу на патот кон визната либерализација. Определени работи се’ уште не се реализирани. Но, очекувам дека низ дијалог на трите ентитети во Босна и Херцеговина ќе дојде до тоа “.

Во Охрид не допатува министерката за внатрешни работи на Република Македонија, Гордана Јанкуловска. Од протоколот рекоа дека таа утрово со хеликоптер тргнала за Охрид, но поради невремето се вратила во Скопје.

Автор: Милчо Јовановски

Редактор: Александра Трајковска