1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

ЕУ не го препушта Балканот сам на себе

Коментаторите во германските весници се согласни во оценката дека на Србија и‘ претстои уште долг пат до членството во ЕУ и бараат да не се повторат грешките од приемот на Бугарија и Романија во Унијата.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ укажувајќи на изјавата на српскиот премиер дека почетокот на преговорите со ЕУ е најважен ден за Србија по Втората светска војна коментира:

„Ако сериозно го мисли тоа, ако од европскиот патос говори вистинско убедување, а не опортунизам, тогаш почетокот на преговорите дава повод за оптимизам. Имено пред земјата и нејзините граѓани стои долг, трновит пат на зацврстување на демократијата, јакнење на правната држава и економска и социјална модернизација. ЕУ вниманието ќе мора да го насочи пред сѐ кон реформата на правосудството (...)“, пишува ФАЦ нагласувајќи дека е тоа поуката од приемот на Бугарија и Романија и продолжува: „Дури иако пристапот стои запишан во ѕвездите - се цели на 2020. година -, почетокот на преговорите го сигнализира големиот интерес на ЕУ за стабилноста на т. н. Западен Балкан. Овој регион, кој во 90-те години беше место на војни и прогонувања, нема да биде препуштен сам на себе. Но, земјите и народите кои сакаат да пристапат би морале да знаат дека членството е награда, која се стекнува со внатрешна и надворешна цивилизација. Србија мора да ја прифати независноста на Косово. И да стане модерна, функционална држава, во која повеќе не пламти пламенот на национализам“, пишува „ФАЦ“.

„Франкфуртер рундшау“ за почетокот на преговорите за пристап меѓу ЕУ и Србија коментира:

„Се разбира, може да се запрашаме, дали не е прерано за Европската унија, да започне преговори за пристап со Србија. Конечно Брисел постојано како услов за прием го поставуваше смирувањето на Косово. За мир меѓутоа не може да стане збор. Токму затоа сепак е важно, на Белград да му испрати јасен сигнал за партнерство (...) Како економски партнер за стопански разнишаната Србија во игра веќе влегоа други: Кинезите, Русите и шеиците од Абу Даби (...) ЕУ може посилно отколку досега да се покаже како доверлив партнер за мирот и воспоставување на правната држава“.

Весникот „Ноје всестфелише“ пишува:

„Двајца премиери во посета на Брисел, кои ги отелотворуваат сјајот и бедата на европската политика на проширување. Од една страна турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, чија земја веќе половина век стреми кон европскиот сојуз на држави. Прво за неговата личност се врзуваа надежи, исламот и демократијата сепак имаат способност за долгорочно поврзување. Но, откако изминатото лето дозволи да бидат задушени мировните демонстрации, оваа увереност беше заменета со скепса. И, тука е српскиот премиер Дачиќ, некогашниот портпарол на партијата на насилниот - националист Милошевиќ. До пред половина година Србија во ЕУ важеше за застрашувачки пример на еден крут систем. Сега Дачиќ доаѓа како мировен анѓел и ученик за пример. Ердоган и неговиот српски брат по функција стојат за тоа што европската политика на проширување може, а што не. Таа може да поттикне една заостаната земја да вложи напори, кои со сопствени сили не би можела да ги направи. Но, оваа сопствена сила таа во никој случај не може да ја замени со притисок и ветувања однадвор. Членство во ЕУ не е резултат на воспитување, туку на развој. Тоа и во двата случаи ни од далеку не е постигнато“.