1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

ЕУ мора да ги освои срцата на луѓето

Коментар на Клаус Даман

Годинашнава европска недела, чиј зенит традиционално е денешниот ден, сосема е во знакот на дијалог меѓу граѓаните и институциите на Европската унија. Но, кај дијалогот нешто не оди како што треба.

Европската унија не би сакала да доживее уште еден таков дебакл како кај референдумите за уставот на Унијата во Франција и Холандија. Уште едно такво одбивање и - проектот Устав дефинитивно е мртов. На успешната приказна Европска унија и се заканува парализа, зашто мнозинството граѓани не сака повеќе така.

Сега девизата на Европската унија гласи: Повеќе блискост со граѓаните! Крајно време. Втората девиза: поголема транспаретност! Исто така исправно. А, девизата број три: Повеќе информации! Исто така не звучи лошо. Има доволно пари за да се спроведе кампања за информирање. Па, сепак, се чини дека изостанува очекуваното дејство. Што тогаш не е како што треба?

Европската унија има еден основен проблем: од почетокот беше проект на политичките елити на кои им беше до обединување на континентот на кој многу се војуваше. Покажувањето на предностите на заедницата на граѓаните на Западна Европа, во прво време изостана. Потоа дојдоа напредувањата видливи за сите: паднаа граничните контроли, се случи царинската и слободата на патувањата. А за воведувањето на еврото беше потребна голема убедувачка сила – и првпат се појави отпор против овој проект на Унијата. Во меѓувреме и новата валута за граѓаните стана видлива добивка.

Истовремено со потесната соработка, од паѓањето на Ѕидот, Унијата го турка и нејзиното проширување. Така почна да расте јазот меѓу политичарите и граѓаните со секоја нова земја. Колку и да има политичка смисла и неопходност во проширувањето со десет нови земји, сепак во старата Европска унија се појави чувството дека за тоа ќе мора да се жртвува стандардот. И во Германија веќе неколку години владее стравот од ефтина работна сила од истокот. Позитивно влијание од проширувањето за поединецот? Никакво, мислат луѓето. А, се чини политичарите подгреваат – без да ги прашаат граѓаните – во возот на проширувањето да качат се’ нови патници и никој не знае каде оди тој.

Никакво чудо оттаму, што граѓаните на Европската унија одеднаш ги загубија од превид предностите што ги уживаа од членството и – кренаа сопирачка. Во тоа веќе не помагаат ниту сјајните брошури, ниту неделните говори во кои се истакнува „историската шанса„ од проширувањето. А, потоа и уставот во чиј процес на раѓање во прво време можеа да учествуват сите граѓани преку и-мејлови, за на крајот сепак да биде договрен меѓу политичарите: на таков начин сигурно не може да се постигне целта Европејците да се идентификуваат со Европската унија.

Што може да помогне? Прво, помалку високопарни говори, а повеќе конкретни дела. Политичарите најавија дека Европската унија до 2010 година ќе ја направат најдинамичниот економски регион во светот, но за тоа немаа рецепт. Притоа, повеќе работни места и пазари во пораст би биле сепак најдобрите аргументи за да се убедат граѓаните во смислата и целта на Европската унија. Второ, мора да се чува будно сеќавањето на веќе постигнатото: имено, дека сегашната благосостојба во Унијата во никој случај не е нешто што се разбира само по себе. Малку кој уште денес размислува за тоа што ќе беше ако ја немаше Европската унија. И конечно, мора отворено и искрено да се одговори на прашањето за целта. Досегашниот вообичаен одговор гласи: “Добро прашање„!

Клаус Даман