1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

ЕУ министрите за надворешни работи не најдоа заеднички став околу преговорите со Турција

Три дена пред решавачкиот самит на ЕУ, на кој треба да падне конечната одлука околу преговорите за приме со Турција, 25-те членки останаа без заеднички став по ова чувствително прашање.

Грчкото, турското и знамето на ЕУ пред Конференцискиот центар во Атина

Грчкото, турското и знамето на ЕУ пред Конференцискиот центар во Атина

Главна точка околу која се разликуваат мислењата е дали во предлог резолуцијата треба да има и еден вид кочница за случај на нужда или не. Така Франција се залага покрај опцијата за полноправно членство да се спомне и т.н. “трет пат“, а Австрија бара да биде внесена и формулата за “привилегирано партнерство“ со Турција:

“Ние сметаме дека треба и експлицитно да спомнеме и друга опција, која од партнерите во преговорите би можела да се смета за разумна и соодветна“ - рече австриската министерка за надворешни работи, Урсула Пласник.

Велика Британија и Германија се стриктно против вакви формулации:

“Привилегираното партнерство Турција го смета за одбивање. Тоа не е опција. Впрочем сега станува збор за тоа да отпочнеме преговори за полноправно членство и во тоа не смее да има сомневање. А на луѓето треба да им појасниме дека сега не решаваме за прием, тоа ќе се случи дури за 10 или 15 години кога Турција и ќе биде реално подготвена за тоа. Сега решаваме само за европската перспектива на Турција и за нејзината модернизација. А за тоа имаме огромен интерес!“ - беше категоричен германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер.

Конечната формулација ќе мораат значи да ја пронајдат шефовите на држави и влади на самитот што почнува в четврток. Тие исто така ќе треба да донесат конечно решение и околу терминот за почеток на преговорите со Турција. И овде има видливи разлики. Франција сака термин што би бил што подоцна во 2005-та, па дури и на пролет 2006-та година. Запрашан дали холандското претседателство веќе предложило некаков термин, Јошка Фишер одговори:

“Не, но тоа мора да биде некој датум во 2005. Тоа е сосема јасно, но околу тоа не дискутиравме.“

Кипарскиот шеф на дипломатијата Јакову навести дека неговата земја би можела да искористи правото на вето за прием на Турција, барајќи таа прво да го признае Кипар. Но, Абдула Ѓул порача дека официјална Анкара нема да му дава нови понуди на Кипар. Освен тоа, тој нагласи дека неговата земја сака само преговори за полноправно членство и тоа веднаш.

По прашањето на Хрватска шефовите на дипломатиите на ЕУ немаа многу што да дискутираат. Тие се согласија да ја поканат на почнување на преговори за членство и тоа најверојатно веќе во март 2005. Предуслов е потполната соработка со Хашкиот трибунал.