1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

ЕУ министрите за надворешни го подготвуваат самитот

На денешната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел се очекува тие да им предложат на шефовите на држави и влади на претстојниот самит да и‘ го одобрат на Македонија сатусот на земја кандидат. При тоа министрите се очекува јасно да стават на знаење дека конкретните преговори ќе дојдат многу подоцна и затоа нема да посочат термин за почеток.

Франк Валтер Штајнмајер и неговата австриска колешка Урсула Пласник

Франк Валтер Штајнмајер и неговата австриска колешка Урсула Пласник

Вообичаените заблагодарувања на адреса на претседавачот со ЕУ на заминување овој пат ќе видат скромни. Причината е јасното незадоволство на мнозинството министри за надворешни работи на Унијата со она што британското претседателство го стори во изминатите шест месеци. На само три дена пред почетокот на самитот, се‘ уште нема прифатлив предлог за клучната тема на средбата: финансискиот план за периодот од 2007-та до 2013-та. Она што го предложи Тони Блер изминатите денови беше за најголемиот дел од земјите членки многу себично ориентиран компромис:

„Тој во секој случај не беше соодветен за решавање на задачите што и‘ престојат на Европа. Предлогот на Тони Блер практично значеше натамошно скусување на ионака драстично намалениот буџет и тоа исклучиво на сметка на најсиромашните членки. Тоа му противречи на еден од клучните принципи на европското обединување, имено, на солидарноста на богатите со посиромашните земји„ – порача заменик претседателот на Европската комисија, Гинтер Ферхојген.

Блер најави дека ќе понуди уште еден, модифициран предлог, но тоа ќе биде дури непосредно пред самитот, што значи дека шефовите на дипломатиите, кои по традиција ја подготвуваат средбата на шефовите на држави и влади, на денешниот состанок немаат што да работат – барем што се однесува до клучната тема на самитот.

На притисок од новиот шеф на германската дипломатија Фран Влатер Штајнмајер министрите денеска ќе се позанимаваат со уставната криза на Унијата по негативните референдуми во Франција и Холандија. Тие освен тоа ќе разговараат и за новата стратегија кон Африка. Европа имено има намера да создаде ново партнерство со сите 50-тина африкански земји во насока на надминување на сиромаштијата и остварување на останатите милениумски цели на ОН. Експертите на ЕУ сметаат дека најголемиот притисок на азиланти и доселеници во наредните години ќе доаѓа не повеќе од земјите на Средна и Источна Европа, туку токму од Африка. Но, и таквите вредни планови и убави намери ќе мораат да почекаат на подлогата – финансискиот план на Унијата од 2007-та до 2013-та.