1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ: корисно е да се има „виновник за неуспехот“

По неуспехот на вонредниот самит на ЕУ за буџетот за периодот од 2014. до 2020. година речиси сите вината му ја префрлија на британскиот премиер Камерон. Кристоф Хазелбах меѓутоа смета дека има повеќе виновници.

Чистите кошули останаа во куферите. Претседателот на Советот на ЕУ Херман ван Ромпој ги повика шефовите на држави или влади пред вонредниот самит да спакуваат по три кошули - за можноста самитот да трае три денови. Австрискиот сојузен канцелар Вернер Фајман при пристигнувањето во Брисел дури рече дека е подготвен за маратонска седница до понеделник - што би значело пет чисти кошули. Но, излезе поинаку. Шефовите на држави или влади имаат слободен викенд. Притоа изненадува со каква опуштеност уште од самиот почеток укажуваа на можен неуспех на состанокот. Ништо не е драматично, ако не се договориме денес, ќе се договориме идната година.

Што се однесува само на времето, неуспехот на состанокот, навистина не е така страшен. ЕУ има уште цела година за договор, бидејќи се работи за повеќегодишна финансиска рамка за периодот од 2014 година. Но, да се тешат со овој факт би значело погрешна проценка на ситуацијата. Имено нема изгледи дека основните политички констелации ќе се променат идната година. Напротив, во текот на дводневниот состанок позициите уште повеќе се заострија. Повеќе земји уште пред почетокот на преговорите се заканија со вето и со тоа уште повеќе ја загреаа атмосферата - иако заканите делумно одеа во спротивни насоки. Едните се закануваа со вето ако не се штеди доволно, другите ако не бидат доволно зголемени одредени делови на буџетот. Како тука да се најде најмал заеднички именител? Исто така и претседателот на Парламентот Мартин Шулц благовремено даде до знаење: колку повеќе евтнуалниот компромис ќе се оддалечи од предлогот на Комисијата, толку е помала веројатноста да добие согласност од страна на Парламентот.

Потребно е долгорочно планирање

Christoph Hasselbach DW Brüssel

Кристоф Хазелбах

Од тие нефлексибилни позиции никој нема лесно да се откаже. Но уште денес е јасно кој ќе биде виновникот за неуспехот, ако не биде постигнат договоор: Британскиот премиер Дејвид  Камерон. Секако, неговите барања за штедење одат подалеку отколку на другите. Тој предизвика и дополнително непријателство со тоа што круто опстојува на британскиот попуст кај уплатите за европскиот буџет. Но се добива впечаток, дека и другите земји кои повеќе уплаќаат во европската каса отколку што добиваат од неа радо се кријат зад Камерон и потајно се среќни, што барем има некој кој има храброст да предизвика антипатија. Камерон сега е уште повеќе изолиран. Но, им треба на другите. Имено буџетот се изгласува едногласно. Доколку другите барем малку не му излезат в пресрет на Камерон, премиерот ќе мора да стави вето - инаку дома би го загубил образот.

Доколку блокадата не престане до крајот на идната година - а има повеќе индиции за тоа - тогаш ЕУ ќе мора да усвојува буџети за секоја година поединечно. Последиците би биле потешки отколку што се мисли. Наместо еднаш на седум години секоја година ќе има натегања околу буџетот. Така би се изубила можноста за долгорочно планирање. Кој инвеститор би се впуштил во големи и долгорочни инфраструктурни проекти, ако не знае, дали идната година се’ уште ќе постои кофинансирање од ЕУ? Освен ова британското јавно мислење уште повеќе би било насочено во правец на целосно напуштање на ЕУ. Токму Германија споделува повеќе интереси во Британија во европската политика отколку што тоа изгледа на прв поглед. Британски особини се на пример штедливост, прагматизам, слободна трговија, отвореност кон светот. Јужните земји кои ги предводат господата Оланд, Монти, Рахој и други во моментов придонесуваат за тоа Европа да се ориенитра спротивно од овие особини. Затоа британското држење не може да биде штетно.