1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ и‘ ја честита победата на грузиската опозиција

САД, покрај честитките за победата на опозицискиот „Грузиски сон“ на парламентарните избори, му честитаа и на претседателот Михаил Саакашвили што достоинствено го признал поразот.

Европската унија го пофали начинот на кој беа спроведени изборите во Грузија. Истовремено, високиот претставник на Унијата за надворешна политика Кетрин Ештон му ја честиташе изборната победа на опозицискиот сојуз „Грузиски сон“, предводен од милијардерот Бидзина Иванишвили. ЕУ сака да ја продолжи тесната соработка со Грузија, порачаа Ештон и еврокомесарот за проширување Штефан Филе во Брисел.

56-годишниот Иванишвили најави дека сака да ја преземе премиерската функција. Грузискиот претседател Михаил Саакашвили претходно го призна поразот на неговата партија.

Соединетите Американски Држави, исто така, упатија честитки за победата на „Грузиски сон“ и ја повикаа опозицијата да формира влада. Вашингтон му честита и на претседателот Саакашвили:

„Исто така би сакале да упатиме пофалби и за претседателот Саакашвили и неговото ’Обединето Национално Движење’ за достоинственото признавање на поразот на изборите“, изјави портпаролката на Стејт Департментот, Викторија Нулaнд.

Меѓународни набљудувачи инаку наведоа дека изборите во Грузија биле слободни. Ги повикаа двете политички сили да работат заедно. ЕК соопшти дека резултатите од изборите во Грузија нема да ги променат односите меѓу поранешната советска република и ЕУ.