1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

ЕУ и САД сакаат безгранична трговија

Двете најголеми економски сили во светот сакаат заеднички да формираат слободна трговска зона. Но пречките се големи, бидејќи ЕУ и САД не бараат мало решение, туку вистински пробив во реализацијата на оваа идеја.

За исходот сите се согласни – и економистите и политичарите и претприемачите. Договорот за слободна трговија меѓу САД и ЕУ ќе го поттикне растот на двете страни од Атлантикот. Договорот би можел исто така да осигура дека глобалните правила на игра во економијата во догледна иднина ќе бидат поставувани од Западот, а не од Кина.

Hafen von Jersey USA

Слободната трговија меѓу САД и ЕУ ќе го поттикне растот на двете страни од Атлантикот

Во економска смисла, договорот за слободна трговија би ги направил поинакви картите во светската трговија. Трговијата меѓу ЕУ и САД е најголемото трговско партнерство на светот. Дневно се врши размена на стоки и услуги во вредност од 1,8 милијарди евра. Вкупно земено тоа е половина од глобалните економски перформанси и е третина од светските стоковни текови. Според проценките на ЕУ, договорот за слободна трговија меѓу двата најзначајни светски пазари, кои имаат околу 800 милиони жители, ќе го зголеми БДП за 0,5 проценти, или 65,7 милијарди евра годишно. И за САД се очекува сличен пораст во процентите.

Широка поддршка

Во Европа постои широка политичка поддршка за еден трансатлантски договор за слободна трговија. Германската канцеларка Ангела Меркел и британскиот премиер Дејвид Камерон се изјаснија за овој проект. Исто така и откако минатото лето европско-американска работна група претстави позитивен изештај за шансите и влијанијата од еден таков договор, сигнали за согласност во основа дадоа и шефот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо и американскиот претседател Барак Обама.

Сето тоа е само еден сон?

Daniel Gros

Даниел Грос, директор на бриселскиот Центар за европски политички студии

Иако постои согласност за почнување преговори за создавање на слободната трговска зона, сепак е нејасно дали таа некогаш ќе стане реалност. Очекувањата се дека преговорите во следните две години ќе резултираат со создавање на таква зона.

Даниел Грос, директорот на бриселскиот Центар за европски политички студии, иако е застапник за таквиот договор, сепак ги нагласува пречките.

„Голем проблем е независноста на различните регулаторни органи“, вели Грос и дава пример со американската Администрација за храна и лекови ФДА: „Тоа е една многу сензибилна тема. Можат ли американските власти да прифаќаат работи без дополнителен европски сертификат и обратно?“

Истото се однесува и на одобрувањето и регулирањето и на многу други добра и услуги. ЕУ, на пример, бара означување на генетски модифицираните прехранбени производи, а САД не го бараат тоа. Исто така и комплексните и многу различно регулираните услуги, како што осигурувањата или финансиските продукти, мораат да бидат покриени со договорот.

„Сметам дека е нереално да се очекува дека договор за слободна трговија може да ги хармонизира сите овие правила“, вели Чарлс Рајс, заменик претседател на Ранд корпорејшн во Вашингтон. Тој учествуваше во разговорите за договорот за слободна трговија НАФТА меѓу Мексико и Канада и фаворизира едно мало решение.

„Јас би укажал дека договорот за слободна трговија ќе ги укине царините и квотите меѓу САД и Европа“, вели Рајс.

EU Karel De Gucht PK Handel mit der USA

Еврокомесарот за трговија Карел де Хухт

Портпаролот на еврокомесарот за трговија Карел де Хухт вели дека „најголемите пречки се различните правила за давање дозволи и различните стандарди“. „Ние не сакаме само да ги отстраниме царините, туку пред се’ да се обидеме да го усогласиме нашето законодавство“, додава портпаролот на еврокомесарот Де Хухт.

Експертите се скептични дали ова може да се постигне и нагласуваат дека визијата за трансатланска слободна трговија провејува во дебатите во Вашингтон или Брисел , но дека таа никогаш не е преточена во реалност. Исто така, договор ќе нема без конечна согласност на американскиот Конгрес и Европскиот парламент.