1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

ЕУ и САД планираат финансиска помош за преодна влада во Украина

И под знамето на ЕУ десетици илјади Украинци повторно демонстрираа во Киев за смена на власта. ЕУ и САД очигледно сакаат да понудат финансиска поддршка за брза политичка смена.

По кратката пауза со „температура“ и „проблеми со дишењето“, претседателот Виктор Јанукович од денеска повторно се враќа на службените задачи. На една од најголемите манифестации во изминатите недели, вчера во главниот град Киев повеќе десетици илјади Украинци повторно побараа претседателот веднаш да биде соборен од власт. Водачот на опозицијата Арсениј Јаценјук на плоштадот Мајдан исто така се заложи и за ослободување на сите 116 затворени демонстранти.

На противникот на владата Дмитри Булатов, кој според сопствени наводи бил измачуван, под меѓународен притисок му беше дозволено да отпатува на лекување во Литванија. ЕУ-членката Литванија, исто како и Германија, му понуди на Булатов медицинска помош и веќе прифати други повредени демонстранти.

Исто како и при неговиот настап на Меѓународната конференција за безбедност во Минхен опозициониот политичар Витали Кличко пред демонстрантите во Киев јасно порача колку полага во поддршката од Западот. „Оваа криза ќе биде решена, кога под заштита на меѓународната заедница на нови избори ќе се стави крај на режимот на Јанукович“, извика Кличко пред толпата.

Против притисок од Москва

Европската унија и САД, според зборовите на европската шефица на дипломатијата Кетрин Ештон, работат на план за значителна краткорочна финансиска помош за Украина. Ештон за „Вол стрит журнал“ во Минхен изјави дека целта на пакетот помош била да ѝ се помогне на земјата во преодна фаза. Во тој период, една преодна влада би можела да преземе спроведување на важни политички и економски реформи и да подготви претседателски избори.

Ваква поддршка, според гледиштето на набљудувачите, служи и за тоа да се поддржи независен развој во Киев и да се спречи економска катастрофа во случај на руски закани или репресии. Русија на Украина и вети кредити во висина од 15 милијарди долари (околу единаесет милијарди евра). Помошта од ЕУ и САД нема да биде помала, оценува Ештон, без да наведе конкретни бројки. Овој план не налага Укриана да склучи долгорочен договор со Меѓународниот монетарен фонд, нагласи Ештон во интервјуто.

Ештон појасни дека една нова украинска влада тогаш би морала во детали да каже што ѝ е потребно. Не можело да се работи замо за пари, туку би можело да се дадат гаранции и изгледи за инвестиции.

Министрите за надворешни работи на ЕУ, според наводи на украинската опозиција, на 10 февруари исто така треба да разгледуваат санкции против раководството во Киев, какви што, на примиер, постојано бара Кличко. Ештон утре (04.02.) се очекува да пристигне во нова посета на Киев.