1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ и Русија бараат хуман однос кон Тимошенко

Русија и ЕУ ја повикаа Украина хумано да се однесува кон лидерката на опозицијата Јулија Тимошенко, која одлежува затворска казна. Тимошенко од 20 април штрајкува со глад.

Европската комисија побара објаснување од украинските власти за наводите на поранешната премиерка и лидерка на опозицијата Јулија Тимошенко дека стапила во штрајк со глад за да укаже на политичката репресија и насилството кое се спроведува над неа во затворот.

„Од украинските власти побаравме итно објаснување за состојбата на Тимошенко и инсистираме независни одговорни личности и нејзините адвокати да добијат пристап до нејзе“, соопшти портпаролот на еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Притоа се наведува дека други коментари нема да бидат дадени се’ додека не се добие увид во објективни и доверливи податоци за состојбата на Тимошенко.

По информациите дека Тимошенко стапила во шрајк со глад, Москва ги повика властите во Киев да се однесуваат хумано. „Се надеваме дека украинските власти ќе ги преземат сите неопходни мерки за гарантирање на правата на Тимошенко, дека ќе докажат човечност и ќе најдат пат, за внатрешно-политичката состојба да не се комплицира“, појасни руското министерство за надворешни работи за агенцијата Риа новости.

Тимошенко објави дека стапила во штрајк со глад во затворот во Харков, откако чуварите насилно ја извлекле од нејзината ќелија и силно ја удриле во стомакот, информираше во вторникот нејзиниот адвокат. Управата на затворот ги негираше ваквите обвинувања.