1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ и парламентарните избори во Израел

Во Израел денеска се избира нов парламент. ЕУ гледа заинтересирано на изборите. Доколку победи партијата Кадима, ЕУ нема да ја промени значително политиката кон Израел.

default

Одвреме-навреме ЕУ гледа потреба да ја критикува актуелната израелска политика, како што беше случајот по нападот врз палестинскиот затвор на 14 март. Но, притоа, ЕУ постојано има пред очи да не дејствува еднострано. Се осудуваат и насилничките палестински реакции. Државниот секретар, Ханс Винклер,во име на австриското претседателство со унијата, вели:

“Од Израел и од палетсинските автономни власти бараме воздржаност и спречување на натамошна ескалација.“

ЕУ отфрла одделни аспекти од актуелната политика на владата на вршителот на должноста премиер на Израел, Ехуд Олмерт. Целосна изолација на Палестинците со ѕид и изградба на големи населби на Западниот брег се погрешен пат, велат европски дипломати. Се на се, меѓутоа, и ЕУ и Израел заеднички одат по патот на две држави во сигурни граници, како што е запишано во мировниот план, т.н. Роудмап.

ЕУ, како дел од квартетот за Блискиот исток, кој е меѓународен посреднички тим, се обидува да врши политичко влијание. Во Брисел, на политичарите кои се занимаваат со надворешна политика, им е јасно дека ЕУ во блискоисточниот конфликт е главно барана финансиер и како помагач во обновата. Сепак, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана, верува дека тежината на ЕУ на Блискиот исток, во последните години се зголемила. Израелскиот врвен политичари и сегашен кандидат на партијата Кадима, Шимон Перес, тоа го потврди при една посета на Брисел:

“Во Израел имаше времиња во кои луѓето скептично гледаа на улогата на Европа. Тоа веќе не важи. Гледате дека Европа не само што плаќа, туку ја обликува и политиката. Таа презема задачи кои никој друг не може да ги исполни.“

По изборна победа на партијата Кадима, основана од страна на израелскиот премиер, Ариел Шарон непосредно пред неговиот мозочен удар, за ЕУ нема да има значителна промена на политиката кон Израел. Брисел официјално не дава изборни прогнози. Проблемот фактички е изборната победа на терористичката организација Хамас во палестинските подрачја. ЕУ, исто како Израел, не сака да дава директна помош доколку Хамас и натаму не го признава Израел и не се откаже од насилство.

ЕУ се обидува да го поврзе Израел во т.н. средоземноморски дијалог, и на тој начин да го доведе во дијалог со арапските соседни земји. Економските односи се тесни. ЕУ е најголем трговски партнер на Израел. Од 2004 година, покрај договорот за асоцијација, има и т.н. Акционен план, со кој Израел треба уште повеќе да се поврзе со унијата. Големо единство меѓу двете страни постои и по прашањето на атомскиот спор со Иран. ЕУ и САД во Советот за безбедност се на иста страна, што Израел се разбира го поздравува.

Стратезите на ЕУ во Брисел можат да си претстават и дека некогаш во далечна иднина на Израел може да му биде понудено еден вид членство во унијата, без право на глас. Шимон Перес, за време на посетата на Брисел, отвроено се изјасни за такво нешто.