ЕУ и Германија се предводници во заштитата на климата | Свет | DW | 01.06.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ и Германија се предводници во заштитата на климата

ЕУ го ратифицира Договорот од Кјото за заштита од климата на 31-ви мај пред пет години. Најголемите еколошки грешници се’ уште не го потпишаа или ратифицираа

Природната околина е се’ позагрозена

Природната околина е се’ позагрозена

Библиската легенда за дедо Ное и неговата арка со која сакал да спаси луѓе и повеќе видови животни од потопот што наидувал, е позната и во еврејската и муслиманската традиција. Бротчето, според легендата, заринкало на пет илјади метри високиот врв Арарат. На таа планина на границата меѓу Турција и Ерменија, еколошката организација Гринпис изгради нова “ноева арка” како симболична опомена за климатската катастрофа што можеби непосредно претстои. Еколозите денеска од таму упатија порака до претстојниот самит на Г8 во Хајлигендам: “Севкупниот природен живот на оваа планета е загрозен”.

Меѓународната заедница пред 10 години ги дефинира целите за заштита од климата во Договорот од Кјото, кого ЕУ го ратифицира на 31-ви мај пред пет години. Тој стапи во сила откако го ратифицираа предвидените најмалку 55 земји, кои заедно предизвикаа најмалку 55 проценти од емисиите на јаглен-диоксид на ниво од 1990-та година. ЕУ и Германија во меѓувреме се предводници во заштитата на климата, а најголемите еколошки грешници се’ уште не го потпишаа или ратифицираа договорот.

“Наша цел е до 2020-та година да го намалиме за 40 проценти испуштањето на јаглен-диоксид во атмосферата, но сакаме во тоа да учествуваат сите во светот – пред се’ индустриските држави, кои мораат да предничат со својот пример, оти инаку земјите во развој никогаш нема да ни се придружат” – вели германскиот министер за екологија Зигмар Габриел.

Тој алудира на САД, водечки во светот според емисиите на јаглен-диоксид: владата на Бил Клинтон го потпиша протоколот, а сегашната на чело со Џорџ Буш жестоко се противи на негово ратифицирање. Поради тоа одбивање се закануваше опасност договорот да пропадне. Го спаси ратификацијата од страна на Русија во ноември 2004-та, по што тој стапи во сила. Во меѓувреме и во САД нешто се менува во позитивна насока. Веќе има први сојузи за заштита на климата според системот во Европа – со трговија со правата на емисии на јаглен-диоксид. И најголемите претпријатија од берзата побараа од американскиот претседател да стори нешто, укажува Габриел.

Но, за да се постигне целта од Протоколот од Кјото, освен промена во американската еколошка политика, нужно е обврски да прифатат и економии во подем како Кина и Индија, со се’ поголем удел на емисии на штетни гасови. Во меѓувреме се проби сознанието за човековата одговорност за промените на климата. Порастот на температурата, топењето на глечерите, катастрофални оркани и се’ позачестени тајфуни и урагани се резултат на ефектот на оранжерија предизвикан од човекови постапки, предупредија експерти на ОН во извештајот за климата.

Можат ли е на претстојниот самит на Г8 договор за конкретни чекори? Канцеларот Ангела Меркел е скептик: “Поради тоа битно е прво Г8 да развие заедничко гледиште за тоа како може ефикасно да се сузбива промената на климата и какви договори треба да се постигнат за по 2012-та. Ви велам сосем отворено, денеска се’ уште не знам дали тоа ќе се случи во Хајлигендам. Но, несомнено е дека водечките индустриски земји мора да предничат во ова прашање, инаку не ќе можеме да ја спречиме промената на климата” – рече Меркел во неодамнешната владина изјава во Бундестагот.

Тие промени најсилно ги чувствуваат најсиромашните земји, последиците на суши, поплави, тропски бури предизвикуват најмногу страдања онаму, каде државата едноставно не може на луѓето да им понуди компензација за загубите. А експертите сметаат дека во наредните години ќе се множат екстремни временски состојби. Промената на климата е веќе реалност – најмногу за што би можеле да се изборат водечките индустриски земји на самитот на Г8 е да се држи во одредени граници порастот на температурата во светот.