1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

ЕУ им излегува во пресрет на “буџетските грешници”

Комисијата на ЕУ, предводена од Романо Проди (во разговор со Ајхел) им излезе во пресрет на земји како Германија

Комисијата на ЕУ, предводена од Романо Проди (во разговор со Ајхел) им излезе во пресрет на земји како Германија

Комисијата на ЕУ, со оглед на континуираниот висок буџетски дефицит во најголемите земји, иницира пофлексибилно толкување на Пактот за стабилност на Унијата. Според плановите усвоени во Брисел, оние земји кои ја пречекоруваат горната граница за ново задолжување, при трајна конјунктурна слабост треба да добијат повеќе време за консолидирање на буџетот. Освен тоа, треба посилно да биде земена предвид и специфичната економска ситуација во поединечни земји. Претседателот на Комисијата Романо Проди истакна дека цел на предложените промени е “да се постигне подобра синергија меѓу стопанскиот пораст и буџетската дисциплина”. Во подобри времиња владите во иднина треба повеќе да штедат и засилено да ги намалуваат долговите, за на тој начин поподготвени да ги пречекаат фазите на конјунктурна слабост.

Еврокомесарот за монетарни прашања Хоакуин Алмуниа во образложение на договорените промени рече: “Мораме повеќе да внимаваме на економската состојба и ситуацијата со севкупното задолжување на поединечните земји. Не станува збор за тоа да се направи пакт а ла карт за секоја земја, туку треба да се реагира разумно на тоа дека во Унијата со 25 земји има големи разлики”.

Алмуниа нагласи дека сепак нема ништо да се менува во горната граница за новото задолжување на државите: “Нашите предлози за подобрување не значат промени на постоечкиот Пакт за стабилност или во уставот. И натаму останува координирањето на националните економски политики, граница за ново задолжување од три насто и граница за севкупното задолжување од 60 насто на од домашниот бруто-производ”.

Комисијата сега, значи, го прилагодува пактот кон реалноста. Пактот за стабилност и стопански пораст всушност се смета за практично мртов, откако Германија и Франција на крајот на минатата годинаја искористија својата политичка и економска величина и спречија постапка против нив поради пречекорувањето на утврдените граници на буџетско задолжување.

Германија веќе трета година по ред ја пречекорува таа граница. Министерот за финансии Ханс Ајхел веќе објави дека очекува годинава ново задолжување во износ од 3.7 насто од домашниот бруто производ. Покрај Германија, буџетски грешници во Унијата се и Франција, Холандија и Грција. Ајхел ги поздрави предлозите на европската Комисија, зашто јасно констатираат оти нема консолидација без пораст. Но, за министерот нема место за опуштање, зашто Комисијата, по пресудата на Европскиот суд, ќе ја обнови постапката запрена од Советот на министрите за финансии. Ајхел ќе мора да ја убеди Комисијата дека во 2005-та година навистина ќе биде почитувана горната граница за буџетски дефицит, иако прогнозите на ММФ гласат поинаку.