1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ЕУ е иднината на Македонија

Пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски, посебно инсистираше на постигнатиот напредок на земјата во политичкиот дијалог и реформите.

default

Зградата на Европскиот парламент

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Антонио Милошоски, пред европратениците побара започнување на преговорите парлалелно со решавањето на институционалната криза во Европската Унија.

„Македонија со целата своја разноликост е Европа во мало. Во Македонија ние се разликуваме по многу нешта, етничката припадност, јазикот, религијата и другите културни одлики. Сепак, ние ќе успееме да изнајдеме модалитети за заеднички живот, со целосно почитување на нашите разлики. Убеден сум дека македонскиот модел може да биде одговор на многу прашања на глобално ниво“, нагласи Милошоски.

Претходно тој ги информира европратениците за „успешниот политички дијалог“ во земјата и за тоа дека „економските реформи веќе даваат резултати во однос на странските инвестиции“.

„Немам намера да ја претставам ситуацијата во земјата како розова. Напротив. Ние не сме совршени – ние постигнуваме добри резултати, но исто така страдаме од некои несовршености.“


Справувањето со корупцијата и организираниот криминал се меѓу постигнувањата на Македонија, што шефот на нејзината дипломатија ги нагласи во Европскиот парламент.


Европратениците не го поштедија Милошоски од незгодните прашања. Германката Ангелика Бер сакаше да дознае што содржи договорот меѓу Ахмети и Груевски, на што македонскиот министер рече дека тој е џентламенски и без потписи.

Грчкиот европратеник Караџаферис се закани дека Грција ќе го искористи правото на вето за приемот на Македонија во ЕУ, како што тоа го направил генералот Шарл де Гол за Велика Британија.

Словенечкиот пратеник Јелко Кацин, кој од Милошоски побара детали за смените во секторот за Европски прашања, во разговорот за Дојче Веле нагласи:

„Исклучително е добро што сега Собранието е повторно активно, што најголемата опозициона албанска партија се врати во Собранието. Тоа не е победа на владата, ниту победа на партијата ДУИ, туку тоа е порака за зрелоста и дека е можно да се осигура иднината заедно. Затоа настапот на министерот и расправата по извештајот на г-динот Мејер ги сметам како еден од настаните кои се предуслов, за Македонија во наредните месеци да напредува и да создаде позитивна слика за себе, за да стане можна конечната пресуда - дека државата, сега е во ситуација и е зрела за преговори за влез во Европската Унија. “

За тоа какво е мислењето во Европскиот Парламент во однос на Македонија, Јелко Кацин ни изјави:

„Огромното мнозинство од парламентарците ја следи ситуацијата со големи очекувања и со наклонетост. Има и воздржани, а посебен поглед на иднината имаат некои грчки парламентраци кои поставуваат прашања кои се тешко разбирливи за другите. Но, главно Македонија со сегашниот политички компромис докажа дека коалицијата и опозицијата се способни за договор, со што таа докажа дека е на вистински пат.“

Околу амандманите за предлог-резолуцијата, посебно околу прашањето за името на Република Македонија, Кацин не гледа дека тие ќе променат многу нешта во извештајот, посебно во моментов.

„Се договоривме за компромисните амандмани, кои во најголемиот можен обем ги покриваат нашите очекувања и погледи, со што нема да има големи судири.“

Поврзана содржина