1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ да не се потпира на погрешни луѓе

По Тунис, и во Египет широки делови од населението се побунија против авторитарната власт. Демократските сили во сите земји заслужуваат европска солидарност.

default

На египетскиот народ му беа потребни три децении за да дигне глас против моќниот Хосни Мубарак. Три децении одбележани со ограничувања на слободите и угнетување, корупција, прекршувања на човековите права и растечки бес поради социјалната нееднаквост. Сега Египќаните се на улица, веќе со денови. Сликите од Каиро и Александрија наликуваат на оние од Тунис: луѓето бараат оставка на неомилениот владател. Тие не се задоволуваат веќе со голи ветувања, не дозволуваат застрашувања, му пркосат на насилството, храбри се, го ризикуваат дури и сопствениот живот. А што ризикуваме ние? Значително помалку. Три децении најчесто гледавме настрана или тивко протестиравме кога беа погазувани нашите сопствени вредности во земјите-партнери на Западот. Сегашните дебати во Европа се насочени околу можните домино-ефекти и нивните последици. Дали соборувањето на тунискиот претседател кого можеби наскоро ќе го следи Хосни Мубарак, ќе предизвика потрес на целиот регион? Дали на блиското соседство на Европа му се заканува хаос и нестабилност, преземање на власта од страна на радикалните исламисти? Дали е можно засилено заканувачко сценарио за Израел? Никој тоа не може да го исклучи. Динамиката на бранот протести, кој зафаќа се‘ повеќе арапски земји, е тешко предвидлива, нејзиниот исход целосно неизвесен и веројатно различен од држава до држава.

Deutsche Welle Rainer Sollich

Рајнер Золих, автор на коментарот

Но, секаде е можен развој кон поголема слобода, праведност и демократија. Таа во Египет има исто толку поддржувачи колку и во Тунис и другите земји. Повикот за слобода доаѓа од сите народни слоеви: како од средниот и од младата Фејсбук-генерација до муслиманските, или исто така христијанските групи. Сите нив Европа и САД треба јасно да ги поддржат. Предолго будевме впечаток дека угнетувањето и неправедноста во арапските земји не‘ интересира само кога доаѓа од антизападни режими или кога се во прашање познати демократски активисти или одделни малцинства, како христијанското.

Станува збор за позитивен сигнал, западните политичари под притисокот на настаните полека поинаку размислуваат. За жал, многу доцна, но да се надеваме, не и предоцна. Секој привид на партнерство со авторитарните владетели му штети на нашиот углед во регионот во свеста на цели генерации. Политичарите можеби треба да се придржуваат на дипломатските правила. Но, граѓанин кој размислува политички не мора: јас објавувам солидарност со сите демократски сили во Египет и во регионот. Ако не сакаме да ги предадеме нашите сопствени вредности, тогаш демократските сили таму ја заслужуваат нашата неограничена поддршка.

Автор на коментарот: Рајнер Золих

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска