1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ го стави Хезболах на „црната листа“

Министрите за надворешни работи на ЕУ одлучија денеска да го стават военото крило на либанското движење Хезболах на листата на терористички организации

Министрите, во исто време, изразиле желба за продолжување на дијалогот со сите политичките партии во Либан, вклучително и со Хезболах, велат неименувани дипломатски извори. Шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг претходно изјави дека таквата одлука не би влијаела на дестабилизација на Либан и на неговите соседи.

„Треба да ги именуваме по име, затоа што дојде време да се каже вистината“, изјави литванскиот министер за надворешни работи Антанас Линкевичиус, чија земја претседава со ЕУ.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле изјави дека доказите за минатогодишниот напад врз бугарското летувалиште Бургас, во кој загинаа пет израелски туристи и еден Бугарин, треба да бидат доволни за одлуката за ставање на военото крило на Хезболах на црната листа.

„Мораме да одговориме на тоа“, рече Вестервеле.

Шест држави, вклучително и САД, Велика Британија и Франција, веќе го прогласија военото крило на Хезболах за терористичка организација.

Хезболах неодамна јавно потврди дека во сириската граѓанска војна се бори на страната на претседателот Башар ал-Асад.

Одлуката на ЕУ експресно ја поздрави Израел, кој водеше војна против Хезболах во 2006-та. „Сега му е јасно на целиот свет дека Хезболах е терористичка организација“, изјави министерката за правда Ципи Ливни.