1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ го осуди терористичкиот напад во Нигерија

По крвавиот напад врз колеџ за земјоделство на североистокот на Нигерија Европската унија изрази солидарност со земјата. Исламистите убиле најмалку 42 студенти.

Напаѓачите дошле ноќе, кога студентите во колеџот за земјоделство спиеле. Како што информираат очевидци, екстремистите влегле во спалната сала во студенстки дом во Гуџба во североисточната покраина Јобе и ги извлекле студентите надвор. Таму тие биле погубени. Потоа сторителите стрелале и врз други студенти, кои направиле обид да побегнат. Напаѓачите исто така запалиле дел од просториите.

Шеф-дипломатот на ЕУ Кетрин Ештон нагласи дека Европската унија „стои цврсто на страната на Нигерија во борбата против тероризмот.“ Истовремено таа укажа на значењето на законите и заштитата на човековите права.

Боко Харам под сомнение

Nigeria Angriffe von Extremisten

На североистокот на Нигерија честопати доаѓа до судири на војската со бунтовниците

Портпарол на војската и водечки претставници на полицијата ја обвинија исламистичката терористичка група Боко Харам дека стои зад крворполевањето. Боко Харам во изминатите месеци изврши повеќе атентати врз училишта во регионот. Оваа милиција од 2009 година со терористички методи се бори за исламистичка божја држава во Нигерија. Според сопствени наводи, таа била во контакт со терористичката група Ал Каеда. При нападите и борбите со армијата, според проценките, биле убиени повеќе од 3.600 луѓе.

Во мај годинава владата на претседателот Гудлак Џонатан воведе вонредна состојба на североистокот на Нигерија. Оттогаш армијата презема големи акции против наводните бунтовници, кои пак го зголемија бројот на нивните напади врз населението. Во многу села и општини се формирани групи за самоодбрана.

Информациите од североистокот од Нигерија се користат и за пропагандистички цели и тешко може да се проверат. Набљудувачите немаат пристап до таа област. Нигерија има 170 милиони жители и е најгусто населена земја во Африка. Околу половината Нигеријци се муслимани, додека околу 40 проценти се изјаснуваат за христијани.