1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

ЕУ-буџет - за што ги дава Европа своите пари?

На специјалниот ЕУ самит за буџетот до 2020. година повторно ќе летаат искри. Во покерот со милијарди треба да се одлучи за кои политики да протечат пари. Со сигурност фармерите остануваат најголемите приматели на пари.

ЕУ има седумгодишен план за заеднички буџет, кој е поразличен од годишниот државен буџет на земјите членки. Повеќегодишниот буџет го воведе во 80-тите години тогашниот претседател на Европската комисија Жак Делор за да се осигура планирањето на повеќегодишните програми од фондовите на ЕУ. На секои седум години земјите членки на ЕУ се расправаат со Европската комисија и Европскиот парламент за висината и распределбата на средствата.

Нето-плаќачите кочат, Комисијата сака повеќе

Во голем дел буџетот ќе се финансира од придонесите на земјите-членки. Нето-плаќачите, односно земјите, кои уплаќаат повеќе во заедничката каса и тоа им се враќа преку мерки за поддршка и субвенции, сега од разбирливи причини сакаат да ги намалат трошоците. Нето-корисниците, односно државите кои повеќе добиваат отколку што даваат, со задоволство бараат повеќе. Европскиот парламент и Европската комисија, односно администрацијата во Брисел, го утврдуваат буџетот. Претставниците на земјите-членки кои се во Европскиот совет се обидуваат да добијат повеќе. Сега токму во таа фаза се преговорите.

Самитот за буџетот на ЕУ, кој почнува во четврток (22.11.2012) треба да донесе пробив. Европската комисија проценува, како што стои во драфт верзијата, дека заедничкиот буџет од 2014-та до 2020-та годишно ќе изнесува меѓу 143 и 151 милијарди евра. Тоа е еднакво на еден процент од заедничките економски перформанси. Гледано заедно низ тие седум години тој достигнува гигантска сума од една илјада милијарди евра. Релативно гледано тоа и не е толку многу, вели германската европратеничка Јута Хауг. Таа е заменик претседател на комисијата за буџет. Самата Германија за тие седум години од својот буџет ќе потроши околу 2,2 илјади милијарди, вели Хауг.

Symbolbild Euro Münze

Најголем дел од еврата во буџетот на Унијата одат за субвенции на земјоделците, но тоа не е ниту половина од субвенциите што ги добиваат земјоделците во САД

Субвенциите се најголемиот дел од трошоците

Да се заштеди во време на должничка криза во принцип е правилно, вели претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо за повеќегодишниот план за буџетот. Тој рече и дека ЕУ во основа мора повеќе да направи за да има повеќе социјални проекти за граѓаните.

„Фер е да се каже дека извлековме лекции од кризата, вклучувајќи ги и владите. Ги засилуваме механизмите на дисциплина, создаваме поголема кредибилност во однос на координацијата на економските политики и ова е позитивно. Но, не ја гледам истата посветеност кога станува збор за повеќе механизми или инструменти за солидарност на европско ниво. Ова може, и всушност веќе покренува проблем на легитимноста на поддршката на ЕУ проект како целина“, рече Барозо во Брисел.

Околу 80 проценти од буџетот на Европската комисија се одлеваат за субвенции и програми за поддршка во земјите членки. Дваесет проценти се за задничките задачи како надворешната политика, која ја спроведуваат различни органи, парламентот и администрацијата. Најголеми издатоци има со земјоделските субвенции и фондовите за структурни реформи, како и грантови за градежни проекти.

Во Унијата е потребно и се прави пренасочување на парите според потребата во земјите.

„Нам не ни требаат само фондовите, туку ни требаат и кориснички програми, на пример во Шпанија. Таму стапката на невработеност меѓу младите лица е над 50 проценти. Таму повеќе не се потребни инфраструктурни проекти, туку мора да се направи нешто против невработеноста меѓу младите, околу квалификациите, професионалното образование и така натаму“, оценува европратеникот од ЦДУ Рајмер Беге, кој е експерт за буџет.

Во проектите со кофинансирање половина од средствата за градење, на пример, на патишта, мостови, индустриски зони или, пак, за истражувачки проекти доаѓаат од лонецот на ЕУ, а другата половина од земјата-членка. Само со буџетот за аграрна политика е поинаку, бидејќи земјоделците ги добиваат субвенциите дирекно на своите сметки. Но, субвенциите, кои се суштински за европското земјоделие, се само половина од оние што се доделуваат во САД.