1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ЕУ бара смирување на страстите во Македонија

ЕУ повторно ги повикува лидерите на политичките партии и нивните поддржувачи да ги почитуваат Уставот и законите. Мирното изразување на различните мислења е основата на силна и демократска нација, порачува Брисел.

Новиот апел од Брисел денеска официјално го пренесе портпаролот на Европската комисија Себастијан Брабант, а е идентичен со првичниот став пренесен преку Постојаната мисија на Унијата во Скопје, што беше лиферуван веднаш по судирите во и околу македонскиот парламент на 24 декември 2012 година.

Повикувањето на граѓанска непослушност и продолжувањето со протести манифестирани преку блокирањето на сообраќајни крстосници во Скопје и другите градови во Македонија од страна на активисти и поддржувачи на опозициската СДСМ, ЕУ не го поддржува и бара без одлагање да се стави крај на конфронтациите, информира агенцијата МИА.

„Ние со загриженост ги набљудувавме политичките судири во и околу собраниската зграда и ги повикуваме сите страни веднаш да запрат сите агресивни и провокативни акции“, порачува портпаролот Брабант.

Во изјавата за МИА, гласноговорникот на ЕУ додава дека мирното изразување на различните мислења е основата на силна и демократска нација, додека употребата на насилство од страна на кого било го поткопува тој систем и штети на можноста да се владее одговорно.

„ЕУ ги повикува лидерите на сите политички партии и нивните поддржувачи да стават крај на овие конфронтации, без одлагање. Ги повикуваме да се однесуваат на начин кој е во согласност со Уставот и законите, но и да делуваат низ расправа во Собранието што е во најдобар интерес на граѓаните, кои ги избрале за да ги претставуваат нивните интереси во Парламентот“, додава Брабант, со што испрати порака дека Брисел сака опозицијата да се врати во законодавниот дом и да не помислува на бојкот на претстојните локални избори.

Иако во ЕК никој не сака да коментира дали и како последните случувања во македонското политичко општество ќе влијаат на следниот извештај и можноста земјата да добие петта позитивна препорака и конечен почеток на пристапните преговори со Евроспката унија, факт е дека сите настани ќе бидат забележани.