1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ бара конкренти чекори од Србија и Косово

Премиерите на Србија и на Косово повторно се среќаваат за да постигнат согласност за спроведување на меѓусебниот договор. Земјите членки на ЕУ предупредуваат дека по договорот мора да следат конкретни чекори.

Кога на 19. април, по шест месеци маратонски преговори на највисоко политичко ниво, премиерите на Србија и на Косово го парафираа договорот за нормализација на односите, Хашим Тачи најави дека до 26. април би требало да се постигне и „план за примена на договорот“, кој според неговите зборови, означи почеток на новата ера на меѓудржавна соработка. Дека тој почеток нема да биде ниту брз, ниту лесен предупредуваа оние кои укажуваа дека е неопходна сериозна политичка разработка на петнаесетте точки од договорот.

Работните групи на Белград и Приштина не можеа да се усогласат околу за двете страни прифатлив план за реализација на договорот, обвинувајќи се меѓусебно дека се прекројува планот и се внесуваат нови елементи. Европската унија, која цело време инсистира на тоа да се „премине од хартија на дело“, уште еднаш според зборовите на портпаролката на шефицата на европската дипломатија Маја Коцијанчиќ, „во интерес“ на двете страни ги повика двајцата премиери на состанок во Брисел, со цел имплементација на договореното.

„Знаете дека имплементацијата е апсолутно клучна, и продолжува нашата работа на тоа. Вистина е дека нема договор за план за имплементација. Ние и понатаму работиме на тоа и веруваме дека и договорот и неговата имплементација се во интерес на Србија и на Косово“, рече Коцијанчиќ.

Сите точки од договорот се комплексни

И додека аналитичарите оценуваат дека сите точки од договорот се помалку или повеќе комплексни, работните групи им го препуштија на премиерите, меѓу останатото, и отвореното прашање за „редоследот на обврските“ на Србија и на Косово во процесот на префрлување на надлежностите, односно укинување на паралелните структури и основање на заедници на српските општини. Белград инсистира тоа да биде „синхронизирана акција“, додека Приштина за почеток бара да се укинат паралелните структури на северот.

Дури и таму каде приштинската страна тврди дека „има договор за примена“, како што е прашањето за одржување на локални избори во општините со мнозинско српско население на Косово, факт е дека самите Срби на Косово се'уште не се согласиле да учествуваат во имплементација на договорот.

И покрај ваквата агенда на денешниот сосотанок на премиерите на Србија и на Косово во Брисел известувачот на Европскиот парламент за Србија Јелко Кацин очекува дека на дневен ред ќе се најде и прашањето, што по 1. јули кога „Србија добива датум доколку се имплементира договорот“.

„Избран е првиот можен момент да се направи уште една проценка, каде и што би било добро да се направи деновиве, за она што е потребно да се заврши до јуни. Не зборувам само за имплементација на договорот, туку и за завршување на ратификацијата на Договорот за стабилизација и асоцијација, како и за создавање на други услови за она што би морало да уследи ако и кога двете страни го имплементираат договорот“, вели Кацин.

Од дипломатски извори во Брисел може да се слушне дека и овој план за имплементација мора да биде потпишан од страна на двајцата премиери. Официјално, ниту еден план и договор нема да им значи ништо на земјите членки, без конкретни чекори на теренот.