1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

ЕУРОфорија ја зафаќа и Македонија

Магијата на ЕУРО 2012 нема да ја одбегне Македонија. Напротив, фудбалската треска се шири низ целата земја. Свои фаворити на ЕП имаат и македонските фудбалски легенди Чедомир Јаневски и Дарко Панчев.

Фудбалот е одново на сцена. Магијата доаѓа од Исток. Полска и Украина првпат се соочени со турбуленцијата, која ја носи 14-от завршен турнир на најсилните европски фудбалски нации. 16 селекции во 8 градови и на исто толку стадиони до 1 јули ќе ја имаат главната роља.

Следи период на посебно живеење. Тоа е времето фудбалско, преполно со страсти, емоции, еуфоричност, исчекувања...Кога утре во Варшава ќе заигра „Танго12“, топката на ЕУРО 2012-та, фудбалот станува приоритет. Македонија, натпреварувачки остана далеку од Полска и од Украина, но силата на настанот силно зрачи. Најславниот македонски фудбалер, Дарко Панчев е со следниве очекувања:

„Многу пати досега се покажало дека Европскотоо првенство е посилно и од светското. Тоа е така, затоа што квалитетот на фудбалот во светот е концентриран главно во Европа и во Бразил, односно Јужна Америка. Очекувам во Полска и во Украина добар турнир.“

Чедомир Јаневски, истакнато фудбалско име, кое во подолг период живее и работи во Белгија, смета дека во групната фаза од Европското првенство ќе има многу тактизирање:

Flash-Galerie Teilnehmer der Fußball-Europameisterschaft 2012 Spanien

Чедомир Јаневски ќе навива за Шпанците

„ Моето мислење е дека во почетната фаза, во натпреварите по групи сите ќе играат малку позатворено, на сигурно, за да се квалификуваат во нокаут фазата.“

Според Панчев, пак токму првиот дел може да донесе поголема слобода и креативност во играта:

„Па, подобар фудбал може да се очекува во групните натпреварувања. Сметам, дека екипите ќе играат поопуштено, бидејќи имаат три натпревара. Може да се каже дека ќе се во ситуација да испробаат по нешто на тактички план.“

Фаворити: Шпанија, Германија,Англија,Франција

Нашите соговорници се еднодушни дека далеку најинтересна и најсилна е Б групата во која се Германија, Холандија,Португалија и Данска. А, на прашањето, кои селекции ќе ја имаат фаворитската улога, се со слични размислувања:

„Пред се’ ја ставам Шпанија како еден од фаворитите. Потоа Германија, која никој не смее да ја потцени, а знаеме од кои причини. Очекувам, конечно и Англичаните да блеснат. Со години тоа од нив го очекуваме, бидејќи не го прикажуваат квалитетот на репрезентативен план. Повеќе се експонирани преку клупскиот фудбал. Низ репрезентативниот потешко им оди. Но, можеби ќе блеснат и ова Европско првенство ќе биде подобро за нив.“ , вели Панчев.

Јаневски прогнозира вака:

Fußballer Darko Pancev

Дарко Панчев и посакува успех на хрватската репрезентација

„Прв фаворит на хартија за мене е Шпанија. Потоа следи Германија и можеби по малку неочекувано за тукашните состојби, сметам на Франција. Јас ги следам состојбите во францускиот фудбал. Таму е направено подмладување во националниот тим, па очекувам Франција да отиде далеку, можеби и до полуфинале.“

Кога Македонија не е дел од Европското првенство, кон која селекција е насочена наклонетоста на Јаневски :

„Јас го сакам фудбалот со многу техника, па ќе навивам за Шпанија.“

И Панчев е на линијата на фудбалската убавина:

„Јас сум поклоник на екипите, кои играат убав фудбал. На пример, никогаш не сум бил навивач на Барселона, но неколку години наназад ми се допаѓа, бидејќи игра најатрактивен фудбал. Немам некои поголеми претензии кон некоја екипа, но ете, би сакал хрватската репрезентација да направи добар резултат.’

Европското првенство, географски е далеку од Македонија. Високите цени, наметнати особено во сместувачкиот дел, направија тоа да биде уште подалечно, па само мал број Македонци да бидат на местото на настанот. Но, затоа пак, кафулињата низ целата земја се подготвуваат да обезбедат удобности за колективно телевизиско следење на првенството. Еурофоријата започнува!