1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Еуросур- надзор или заштита на бегалците?

Заради подобра координација на контролата на границите во ЕУ, Фронтекс се насочува кон високата технологија. Но, новиот систем Еуросур, кој денеска (01.12.)стапува во сила е предмет на критики.

Една голема канцеларија без прозорци е контролната централа на Еуросур, новиот систем за надгледување на ЕУ. Картата на Европа на огромниот монитор доминира во бирото на Европската агенција за заштита на границите- Фронтекс во Варшава. На картата се видливи бројни мали црвени точки, кои кружат. „Секоја точка значи дека пристигнала нова информација во системот“, објаснува Михаел Јуриќ, проектен координатор на Еуросур. Во Фронтекс тие ги нарекуваат „инциденти“. Црвената точка може да значи дека на тоа место е откриен шверцер, но може да се работи и за брод со бегалци од Африка.

„Главната компонента на Еуросур е на располагање да стави една мрежа со која би се намалиле организираниот криминал и би се спасиле лица кои би се нашле во опасност од бродолом“, вели Јуриќ.

Frontex Zentrale in Warschau

Централата на Фронтекс во Варшава

До 2020. година новиот систем ќе ја чини ЕУ вкупно 144 милијарди евра. Информациите кои се внесуваат во Еуросур се собираат со помош на хеликоптери, беспилотни летала и сателити. „Секоја поединечна членка на ЕУ одлучува кои информации ќе ги стави на располагање. Значи, ако Грците сакаат да знаат што се случува пред Лампедуза, за тоа ќе мора да постигне договор со Италија“. Кои инциденти ќе бидат разменети и дали тоа воопшто ќе се стори, зависи од граничните служби на државите членки. Кога ќе се открие чамец со бегалци, може да потрае и до 6 часа пред да им се помогне.

Но, новиот систем предизвикува и критики. Организацијата за човекови права Хјуман Рајтс Воч му префрла на Фронтекс дека ни самите тие не знаеле што сакале да постигнат со новиот систем. „Нашата критика е дека приоритетот не е јасно поставен врз спасувањето бегалци. Системот сѐ уште не е потполно созреан“, вели Венцел Михалски, претставник на ХРВ во Берлин. Се додава дека со Еуросур натаму се „заѕидува тврдината Европа“. „Фронтекс е 'Големиот брат' на Средоземното Море, бидејќи неговата улога е да ги враќа бегалците. А таа агенција всушност треба да ги заштитува бегалците“, вели Михалски.

Јуриќ признава дека името „Еуросур“ е помалку несреќно избрано. Тоа е всушност кратенка од англиските зборови „european surveillance“- европско набљудување. „Но, Еуросур во суштина е само рамковен систем кој на располагање става различни инструменти, за да се обезбеди размена на информации меѓу земјите-членки“, вели Јуриќ. Тој додава дека Еуросур не треба да биде систем за заплашување, и тој нема да ги одвраќа бегалците од нивната намера да ја напуштат својата татковина.

Дали Еуросур навистина ќе спасува човечки животи, како што тврди Фронтекс или само дополнително ќе ја изолира Европа- како што стравуваат критичарите, ќе се покаже по 1. декември. Меѓутоа, она што уште сега е јасно е дека системот ќе функционира онолку добро, колку што ќе биде добра соработката меѓу националните гранични служби.