1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Еуропол: Фудбалот е во канџите на организираниот криминал

Истрагата на Еуропол покажала дека организираниот криминал е длабоко инволвиран во фудбалот. Откриени се 380 местени фудбалски натпревари во Европа.

Полициите на повеќе земји откриле криминална мрежа која е осомничена за местење на резултатите на 380 фудбалски натпревари во Европа, а уште најмалку 300 одиграни ширум светот се под сомневање, вклучително и мечеви во елитната европска Лига на Шампиони како и на квалификациите за Светското првенство, соопшти денеска Еуропол.

„Јасно е дека ова е најголемата истрага за местење на фудбалски натпревари. Ова е тажен ден за фудбалот во Европа“, изјави шефот на Еуропол Роб Вејнрајт. Според него, истрагата утврдила местење натпревари на досега невидено ниво.

Најмалку 425 судии, играчи и други официјални лица се осомничени за вмешаност во скандалот. Мечевите биле местени на тој начин, за на нив да можат да се освојуваат големи суми пари преку обложување. Досегашната истрага открила дека од местењето бил направен профит од најмалку 8 милиони евра, а повеќе од два милиони евра им биле исплатени како мито на фудбалери и официјални лица.

Главата на мафијата во Сингапур

Најголемиот дел од откриените сомнителни мечеви биле играни во првенствата на Турција, Германија и Швајцарија, но и во други лиги ширум светот.

Меѓу главно осомничените во истрагата била криминална мрежа од Сингапур, која се смета и за најголем „играч“ на црниот пазар, и која исплаќала и до 100 илјади евра по меч за да подмити играчи и судии.

Под сомневање се два натпревари во Лигата на шампионите како и некои мечеви од квалификациите за Светското првенство, соопшти Еуропол.

Од Еуропол одбија да го откријат идентитетот на осомничените, играчи или мечеви, поради тековната истрага.

„Ова е првпат да утврдиме сериозни докази дека организираниот криминал оперира во светскиот фудбал“, рече Вејнрајт.

Еуропол денеска прикажа и снимки од еден од сомнителните мечеви, меѓународен дуел меѓу Аргентина и Боливија, на кој судијата од Унгарија досудил непостоечки пенал.