1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Етнос: Нимиц ќе побара одговор во јуни

Медијаторот на ОН Метју Нимиц на почетокот на јуни треба да побара одговор од Македонија и Грција за предлозите кои ги претстави на последната средба со амбасадорите Јолевски и Василакис, пишува грчкиот весник „Етнос“.

Иако ја сфаќа тежината на задачата, посредникот на ОН во спорот со името Метју Нимиц сака да добие одговор од двете страни пред самитот на ЕУ во јуни, пишува весникот „Етнос“, а пренесува агенцијата МИА од Атина.

„Ако се случи тоа, комесарот Филе ќе може послободно да се движи, кој сака да врши што е можно поголем притисок врз Атина за Скопје да ги почне пристапните преговори со ЕУ“, пишува „Етнос“. Според весникот, „Атина не планира категорично да го отфрли последниот предлог на Нимиц, но се очекува да бара што е можно пошироки промени за да се врати рамнотежата која треба да ја има предлогот за да се одржат надежите за постигнување договор“.

Во секој случај, Василакис има јасни инструкции од премиерот Андонис Самарас и министерот за надворешни работи Димитрис Аврамопулос да му сигнализира на Нимиц дека предлозите како „Република Горна Македонија“ не се прифатливи затоа што не се во согласност со грчката позиција за географско дефинирање на терминот „Македонија“, а не на државното уредување, нагласува „Етнос“.