1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Етички кодекс за економистите

Германски, австриски и швајцарски економисти пред една година се согласија за етички кодекс, кој има за цел постигнување поголема транспарентност и праведност во политичките консултации. Него денес речиси го нема.

Проблемот во здравствениот сектор е добро познат. Навидум независни истражувања за користењето на цигари се покажаа дека се нарачани од тутунската индустрија. Таквиот конфликт на интереси исто така е тема и во други индустрии. Но, ова е посебно чувствителна тема за економистите – главните советници на креаторите на политики.

Бројни прашања и сомнежи за објективноста и независноста на економистите се покренаа откако финансиската криза го погоди светот, а бројни економисти во и надвор од Европа немаа поим за тоа. За да ја зачуваат својата репутација, околу 3.800 економисти кои го зборуваат германскиот јазик во септември минатата година се согласија на етички кодекс. Дванаесет месеци подоцна, проценката на овие самонаметнати насоки е отрезнувачка.

Лажирање на бројките е тешко, но...

Professor Gerhard Bosch

Професорот Герхард Бош смета дека бројките не можат да се наместат и лажно претстават

Во суштина овој код бара од научниците да го откријат изворот на финансирање и да не се мешаат научно докажаните наоди со субјективни проценки. Но, според професорот Герхард Бош од Универзитетот Дуизбург-Есен, тоа е област каде манипулацијата е неконтролирана. Според него, бројките тешко можат да се лажираат, па затоа многу полесно се изоставуваат неповолните вистини. Пример за тоа дава со научно-советодавниот одбор на Сојузното министерство за економија, кој сугерираше да не се воведува минимална плата во Германија.

„Одборот цитираше неколку германски истражувања и едноставно ја игнорираше вредноста на сите меѓународни истражувања направени во минатите години на оваа тема“, вели Бош. Според него, американските и британски истражувања одамна покажаа дека минималната плата не им наштетува на вработувањата.

„Секој кој студира економија и сака да стане професор знае дека нема изгледи за некаква кариера во Германија за тие кои скршнуваат од патот на доминантната неолиберална доктрина“, вели професорот Бош и додава дека етичкиот кодекс нема да ја промени ваквата ситуација.

Различни мислења

Symbolbild Börsenhandel Ethikkodex

Целта на етичкиот кодекс е да се обезбеди поголема транспарентност во работата на економистите

Дури и во рамките на Здружението за социјална политика во Германија, кое ја создаде драфт-верзијата на етичкиот кодекс, постојат различни мислења за ефективноста на пишаните насоки. Организацијата е формирана во 1873 година и е составена од 3.800 економисти кои предаваат на универзитети или работат во истражувачки институти во Германија, Австрија и Швајцарија. Владите се потпираат на нејзините експертизи, без оглед на тоа дали тие се однесуваат на пензиите, здравственото осигурување, колективните договори или, пак, политиката на пазарот на труд.

Изненадувачки, но ниту едно истражување не било направено во согласност со овој етички код. Професорот Гебхард Кирхгаснер од Швајцарскиот универзитет во Сент Гален, кој пред една година е назначен за арбитер, објаснува дека само член може да пријави некој друг член, но оти тоа досега се нема случено. Тој не крие дека кодексот пред една година бил потпишан пред се‘ за пред јавноста со намера да се подобри нарушениот углед на советниците за економски политики. И покрај се’, тој смета дека водичот ќе има дисциплински ефект, пред се’ затоа што членовите треба да ги вклучат сите финансиски извори и спонзори во фуснотите на своите истражувања.

„Нашата функција е да посредуваме и да ги елиминираме злоупотребите. Единствената санкција што ја имаме е на крајот да исклучиме некој член“, вели професорот Кирхгаснер.

Со транспарентноста се оди предалеку?

DIW - Prof. Dr. Gert G. Wagner

Професорот Герт Вагнер се залага за целосна транспартентност

Научниците да ги објават и своите идеолошки позиции, бидејќи креаторите на политиките често прават истражувања за тие со слична идеологија, побара неодамна Герт Вагнер, шеф на Германскиот институт за економски истражувања во Берлин. На веб-страницата на институтот тој планира да објави дека е член на Социјалдемократската партија, на синдикатот Верди, како и да ја објави својата религиозна определба.

Но, за многумина ваквата транспарентност е одење предалеку. Професорот Кирхгаснер, кој живее во Швајцарија 20 години, во тој поглед забележува разлики. Додека во Германија многумина сметаат дека откривањето на членувањето во некоја партија ќе им ја наруши репутацијата, во Швајцарија тоа е вообичаена работа.