1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Етапна победа на Атина

Учеството на приватните доверители во бришењето на долговите на Грција достигна 85,8%. Од 177 милијарди евра во обврзници, согласност за замена има за 152 милијарди, соопштено е во Атина.

Официјална Атина денеска (09.03) објави дека успеала да ги убеди поголемиот дел од приватните кредитори на Грција да ги прифатат загубите за нејзините должнички хартии. Грција со ова, барем на некое време, се спасува од банкрот и го отвора патот за нови транши на заемот од меѓународниот спасувачки пакет. Имено, Министерството за финансии соопшти дека договорот за намалување на грчкиот долг го потпишале 85,8 проценти од приватните инвеститори, сопственици на грчки обврзници.

Како што се наведува, министерството, благодарение на неодамна донесениот закон, ќе ги натера останатите сопственици на обврзници да учествуваат во спогодбата. Цел на спогодбата е грчкиот долг да се намали за 107 милијарди евра, така што приватните сопственици на обврзници ќе прифатат загуба од 53,5 отсто на тие хартии од вредност и во замена ќе земат нови обврзници по значитеплно поволни услови за отплата. Во сопственост на приватните кретидори се 206 милијарди евра од вкупнот грчки долг, кој изнесува 368 милијарди евра.

Портпаролот на грчката влада Пантелис Капсис изјави дека одзвиот на кредиторите бил „многу задоволителен“ и дека ги надминал очекувањата.

Спогодбата за замена на обврзници е во склоп на вториот меѓународен спасувачки пакет за Грција и Атина се надева дека ќе почне да добива пари од програмата тешка 130 милијарди евра. 

Позитивни реакции на берзите и кај европските министри

Претседателот со меѓународниот финансиски институт, шефот на Дојче Банк Јозеф Акерман, коментирајќи ја веста од Грција изјави дека земјата добила можност да продолжи со програмата за економски реформи и дека еврозоната добила можност да крерира економски пораст.

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле оцени дека „големото учество“ на кредиторите во спогодбата со Грција е „историска шанса“, додека неговиот француски колега Франсоа Барон истакна дека станува збор за „голем успех“ и „добри вести“.

Позитивни се и реакциите на европските берзи, каде индексите на акцииите од утрово главно се во мал плус од 0,1 или 0,2 отсто. Индексите пораснаа и на берзите во Азија, како поради Грција, така и поради веста за успорување на инфлацијата во Кина. Јапонскиот индекс Никеј зајакна за 1,6 отсто, а јужнокрејскиот Коспи за 0,9.

Автор: АТ/ АМ/ бета/ дв

Редактор: Е.М.Фиданоска