1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Естонија: бесплатен јавен превоз во главниот град

Локалните власти во главниот естонски град Талин на уникатен начин одлучија да се обидат да го намалат загадувањето на воздухот од автомобилите. На граѓаните им овозможија бесплатен превоз.

Непријатен студ го очекува Олеф Ливик кога излегува од дома. Зимите во Талин се ледени и сиви. Уште кога ќе дувне и ветрот од Балтичкото море, патниците се среќни што јавниот превоз пристигнува навреме. Од јануари Олеф Ливик бесплатно го користи јавниот превоз во неговиот град. Тоа го овозможува пластична картичка.

„Ова е едноставен систем кој ме идентификува како жител на градот. Доволно е да ја допрам картичката до читачот и можам слободно да патувам со автобусот“, вели Ливик.

Јавниот транспорт во главниот естонски град најмногу го користат жителите на околните приградски населби од бетонски блокови, во кои живеат две третини од 420-те илјади жители.

„Конечно можеме да се возиме до центарот без да купуваме карти“, велат граѓаните: „Сите во семејството веќе го користат бесплатниот превоз, автобусите не се преполни, но секогаш се плашам да не ја загубам картичката“.

Картичката чини две евра. Четиричлено семејство со просечни приходи на овој начин заштедува речиси 10 проценти од месечниот приход.

„Успехот беше голем уште во првите недели. Во изминативе месеци издадовме околу 200 илјади пластични картички. Сега се потрошија, па мораме да нарачаме нови. Доколку успееме од улиците да оттргнеме 10 проценти од возачите, ќе бидеме задоволни. Тогаш ќе имаме значително помалку смог и прашина“, објаснува Јоханес Мерилаид од градската управа на Талин.

Градските власти се задоволни. Точни бројки се‘ уште нема, но сообраќајот веќе се намали, вели Јоханес Мерилаид.

Во 2018 Талин планира да стане европска еколошка престолнина, па во центарот треба да има што е можно помалку автомобили. Амбициозна цел, оти Естонците милуваат да се во сопственото возило.

За туристите, кои и во овој период од годината шетаат низ питорескниот стар дел од градот, ништо не се промени. Тие, како и оние кои доаѓаат од други естонски градови, и натаму ќе плаќаат за јавниот превоз.

Во градскиот парламент на Талин со месеци се водеа расправи за бесплатните карти. И покрај тоа што се веќе 200 илјади карти во употреба, опозицијата и натаму го критикува новиот концепт на јавен превоз.

„Мораме да ја кажеме вистината, бесплатен превоз не постои. Трошоците во износ од 55 милиони евра мораме да ги платиме сите ние од нашите локални даноци. Тоа не е ништо друго, туку политичка помош за градската власт во пресрет на регионалните избори“, вели Ене Пилак од опозициската Реформска партија.

Тие 55 милиони евра треба прво да бидат заштедени - затоа е одложена обновата на градската канализација. Критики има и за состојбата на трамваите и автобусите. Патниците се жалат на недоволна безбедност.

Кој ќе ја плати сметката?

Професор Даго Антов, раководител на катедрата за развој на сообраќајот на Техничкиот универзитет во Талин, е најискусен експерт за транспорт во Естонија:

„Проблем е што градот во изминатите години не инвестираше во јавниот превоз. Не беа купени нови автобуси и возови, мрежата не беше проширена, оти наводно немаше пари. Тоа требаше да биде важен прв чекор за луѓето да се загреат, според мене и поважен од самото овозможување на бесплатно возење“.

Во попладневниот шпиц, автобусите во Талин се полни. Луѓето сакаат што побрзо да стигнат до предградијата. По можност без турканици.

„Искрен да бидам, малку сум скептичен околу тоа дали ќе останат бесплатните карти. Многумина ќе ги користат, но некој мора да го плати сето тоа“, вели Ливик.

Многумина од патниците во Талин стравуваат токму од тоа - дека високите трошоци би можеле наскоро да му стават крај на проектот, а со тоа и на бесплатниот превоз во нивниот град.