1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Естонија: Балтички ученик за пример во еврозоната

Летонија наредната година влегува како 18. членка во кризната еврозона. Но дека не мора да биде се' црно како на југот, Летонија може да се увери во непосредното соседство. Естонија од 2011. бележи успеси со еврото.

Веќе и самата зграда во југозападниот дел на естонскиот главен град Талин (насловна фотографија) зрачи со самодоверба. Импозантната стаклена зграда е висока пет ката. Големата сина латинска буква „Ѕ“ е видлива од секаде. Тоа е седиште на развојниот центар на „Скајп“, најголем естонски економски успех во изминатата деценија. Шефот на естонскиот тим на „Скајп“ Тит Пананен објаснува зошто токму неговата земја е идеално појдовна станица за победничкиот поход на оваа интернет компанија: „Тука постои огромен потенцијал, одлучно школство и пред се' неверојатна подготвеност за користење на технологијата“, и додава: „'Скајп' на многу фирми во Естонија им покажа дека е можно одовде да се промени светот“.

Првак на Европа во штедење

Estland - Skype Entwicklungzentrum Talinn

Седиштето на развојниот центар на „Скајп“ во Талин

Во Естонија цути не само секторот за информатичка технологија. И во другите области оваа најсеверна балтичка земја е пример во ЕУ. Според најновите податоци на Статистичката канцеларија на ЕУ (ЕУРОСТАТ), Естонија во минатата година забележи најмала стапка на нови задолжувања од сите членки на Унијата: 0,3 проценти од Бруто општествениот производ (БДП). Зад неа се Шведска, Бугарија и Луксембург. На последното место на тој список се наоѓа Шпанија со 10,6 проценти. И по нивото на вкупна задолженост Естонија е меѓу најдобрите: 10,1 проценти БДП. Споредено, дозволената граница за буџетски дефицит, според т.н. „критериуми од Мастрихт“, за еврозоната изнесува 3 проценти, а за ниво на вкупна задолженост- 60 проценти БДП.

Естонскиот министер за економија Јухан Партс смета оти тие статистики се плод на долгогодишно работење: „Започнавме уште во 90-тите години на минатиот век кога нашата економија моравме повторно комплетно да ја изградиме. Го сменивме нашиот монетарен систем, а за тоа се неоходни стабилен буџет и ниска стапка на нови задолжувања. Тој сигурен финансиски систем го задржавме до денес.“

Брисел од 2011 година тие напори ги награди со прием на Естонија во еврозоната- неполни 7 години од нејзиниот влез во ЕУ. За министерот Партс, влегувањето во еврозоната во време на нејзината најголема криза не е никаков проблем: „Сите знаеме дека еврото не е совршено. Ние влеговме во еврозоната за да добиеме уште поголема доверба кај нашите трговски партнери. На таква мала економија како што е нашата, не и' е едноставно да праќа јасни сигнали.“ Влезот во еврозоната го поддржа и естонското население, а голем број од граѓаните го поддржува и денес.

Не профитираа сите

Rainer Kattel

Естонскиот аналитичар Рајнер Кател

Оваа поранешна советска република ги воодушеви економските стручњаци уште кон кајот на 90-тите кога со години остваруваше економски раст и до 13 проценти. Естонскиот аналитичар Рајнер Кател смета дека еден од решавачките фактори за постигнување на таквиот успех е токму географската положба на неговата татковина: „Ние сме во близина на Шведска и на Финска. Тоа нам не ни носи само туристи, туку пред се' технологија и инвестиции.“ За големиот економски раст најмногу е заслужен извозот во тие две земји. „Тоа е всушност, и не е вистински извоз. Нивните сопствени фирми произведуваат во Естонија и одовде извезуваат речиси готови производи. Естонија наскоро би можела да се гледа како дел на Финска и Шведска“, вели Кател. И самите Естонци за својата земја велат дека е таа „петта скандинавска земја“. Нивниот јазик и култура тесно се поврзани со Финска.

Но тој успех има и своја негативна страна. Од него не профитираа сите: 17 проценти од населението живее под егзистенцијалниот минимум. Меѓу нив се многумина од 300.000 граѓани со руско потекло, кои немаат пасош, па така ни, на пример, избирачко право. Голема е разликата помеѓу платите на мажите и жените. Мажите просечно заработуваат 28 проценти повеќе- тоа е најголемата разлика во Европа. „На една мала група луѓе им е добро, но на останатите не. Можеби едноставно пребрзо се развивме“, вели Кател. Многу Естонци во меѓувреме се решија да заминат од својата земја, поголемиот број во Финска и во Шведска.

Skype Estland

Шефот на естонскиот тим на „Скајп“ Тит Пананен


Политичарите премалку се интересираат за социјалните проблеми, смета Кател и вели дека најмногу ги истакнуваат големите економски успеси. Последиците за таквата политика се веќе сега очигледни, предупредува овој аналитичар: „Сигурно е дека се' повеќе луѓе ги губат илузиите и и' вртат грб на политиката.“

Во очекување на нови успеси

Но, оние кои имаат можат и сакаат да избираат, очигледно надеж гледаат во неолибералната политика на владата на премиерот Андрус Ансипиј. Тој во 2011 година беше повторно избран на четри години. Затоа ни неговиот министер за економија Партс не сака да отстапи од својата рестриктивна политика на штедење: „Тоа би било на сметка на идните генерации. Задолжувањето е секогаш ризик.“

Тит Пананен смета дека Талин е идеално место за развоен центар на „Скајп“, па дури и сега кога централата на таа фирма не е веќе во Естонија бидејќи ја превзема „Мајкрософт“. Тој е уверен дека „Скајп“ не е последната успешна естонска приказна: „Наредните години ќе дојде уште нешто. Многу работи што ќе го променат светот, своите корени ќе ги имаат во Естонија.“ Можеби нешто што ќе придонесе за нов залет на малата балтичка држава.