1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ескалира спорот околу НСА аферата

Шефот на кабинетот на гермaнската канцеларка Роланд Пофала ја оправда размената на податоци меѓу тајните служби на Германија и на САД. Опозициските партии на Социјалдемократите и Зелените бараат дополнителни објаснувања.

Националната безбедносна агенција (НСА) задолжен за разузнување во странство, според зборовите на шефот на кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел , „во Германија се придржувала до германското право“, Пофала кој е одговорен за координацијата на работата на трите германски разузнувачки служби го изјави ова за време на вчерашната повеќечасовна вонредна седница на Комисијата на Бундестагот за контрола на работата на тајните служби во Берлин.

Преку соработката меѓу германскта разузнувачка служба БНД и НСА, биле и ќе бидат спречени бројни напади врз германските и американските војници во Авганистан, додаде Пофала во изјавата пред новинарите по сослушувањето во Комисијата.

Ronald Pofalla Parlamentarisches Kontrollgremium

Роланд Пофала

Координаторот на работата на тајните служби притоа цитираше еден извештај на НСА од 23 јули годинава: „НСА не презема ништо што би ги загрозило германските интереси“. И британската разузнувачка служба и ветила на германската влада дека ќе се придржува до германските закони. Покрај тоа и германските интернет компании ги увериле надлежните служби дека ќе ја почитуваат тајноста на личните податоци. Во медеимските извештаи , кои се базираа на откритијата на поранешниот соработник на НСА Едвард Сноуден се говореше дека интернет компаниите масовно им предаваат податоци за личната комуникација на своите клиенти на тајните служби.

Пофала: Нема предавање податоци за акциите со беспилотни летала

Пофала покрај тоа ги демантираше тврдењата дека БНД незаконски и предава податоци за разговори преку мобилни телефони на НСА, кои биле употребувани за целните убиства на осомничени терористи со беспилотни летала. Предавање на податоци од 2003 година наваму имало само во еден случај врз основа на законот за БНД. Во тој период германската влада ја раководеа Социјалдемократската партија и Партијата на Зелените а одговорен за тајните служби беше Франк Валтер Штајнмаер. Тој во меѓувреме е шеф на пратеничката група на опозициските Социјалемократи во Бундестагот. Штајнмаер изрази подготвеност да даде исказ пред Комисијата за контрола на работата на тајните служби , но претставниците на владејачката коалиција во Комисијата сметаа дека нема потреба за такво нешто.

SPD-Bundestagsfraktionsvorsitzender Frank-Walter Steinmeier

Франк Валтер Штајнмаер

Штајнмаер претходно разлутено реагираше на тврдењата од владејачкиот табор дека тој е одговорен за можното шпионирање на германските граѓани. Тој нагласи дека потесната соработка меѓу германските и американските тајни служби уследила по терористичките напади на 11 септември 2011 година во САД. Меѓутоа Пофала по сослушувањето во Комисијата говореше за „Меморандум за согласност“ меѓу тајните служби на двете земји, кој Штајнмаер го имал подготвено уште пред теророт на 11 септември.

Претседателот на Комисијата за контрола на работата на разузнувачките служби, Томас Оперман не сакаше да ги демантира ваквите изјави. Сопартиецот на Штајнмаер меѓутоа извлече поинакви заклучоци од Пофала. Фактот дека Германија и САД по откритијата на Сноуден и дебатата што следуваше ,сакаат да склучат „Договор за нешпионирање“, според Оперман е признание на НСА дека „во Германија било шпионирано“.

Координаторот на работата на тајните служби, Пофала по вонредната седница на Комисијата на Бундестагот изјави дека шефот на германската БНД во петокот (09.08) му напишал писмо на шефот на НСА Кит Александер кое соддржи предлози за посакуваниот „ Договорот за нешпионирање“ .