1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ескалација на неказнивоста

Неподготвеноста на Западот политиката на награда за послушност да ја замени со санкции за аздисаност е најголем и најширокоград придонес на Брисел и Вашингтон кон барањето спас во братските прегратки на Путин или Ердоган

Доколку нашите најголеми стравови се раѓаат од нашите најстрашни исчекувања, нашите најдлабоки разочарувања се продукт на нашите најнадежни очекувања. Тековната фронтална атака врз јавноста преку распаметувачка пропагандна војна за (не)реални опасности е полесно препознатливиот дел на домашната сцена која се храни од нашите вродени инстинкти и стравови. Но чеканот на нестабилност со кој домашната политика не удира по глава и вкопува во земја би бил помалку ефикасен доколку не би постоела и цврстата подлога на меѓународната заедница. Последната сеанса на ЕУ лидерите посветена на состојбите во регионот и посебно Македонија е конкретен повод низ кој веќе можат да се разјаснат приодите на странските партнери кон нас и последиците кои ќе вродат.

Сумирано во куси црти и врз основа на изнесените ставови и приоди на нивните претставници, веќе може да се заклучи дека односот на меѓународната кон Македонија, но и регионот, се сведува на две стратегии, различни според приод, но со ист негативен происход. Накусо, приодот на САД кон кризата се базира врз логиката на промена на актерите и зачувување на политиките, додека пак онаа на ЕУ е во правец на зачувување на ликовите и смена на политиките. На извесен начин, тој приод во добра мера е логичен просиход на карактерните политички идентитети на САД и Европа. Токму според Кагановата делинеација помеѓу американските воинствени марсовци и приматот кон сочувување на доминацијата низ стабилност по секоја ценач и европските заводливи Венери со матерналистичка надеж на конвертирање на лошите момци во послушни Пигмалиони.

Нови политички фигуринки

И покрај сите респектабилни напори за камуфлирање на тие приоди, не треба премногу време и ум за да се забележат првите никулци на домашното длабоко орање на дипломатските трактори. Повнимателните следители на состојбите ќе ја приметат тивката и ненаметлива, речиси ефемерна кампања за промоција на нови политички фигуринки според рецептурата на САД. Ќе ги препознаете токму по симболичната холивудска карактерна црта на идео-интелектуална и полито-карактерна празнотија која се компензира со богата ПР кампања низ медиумските лаборатории, уиграни еуфорични изливи на "фасцинирање” и преку-ноќна прекоманда од властелинско слуганство во слободарско опозиционерство. Набројаните карактеристики можеби можете да ги сметате за гадливи, аморални и нечесни, но од призма на оние кои ги избираат домашните политички тимови токму тие карактеристики се најцврстата гаранција за издржливоста на замислената "реформа” во духот на „сѐ е исто, само нив ги нема”.

Профилот на американската реформа преку замена на ликови и зачувување на сценариото е во чекор следен со европскиот анфас, но предусловен од немањето интерес и недостаток на моќ за смена на гангстеризираната политичка мрежа во земјата и регионот. Предодреденоста на ЕУ кон смена на политиките не е воопшто резултат на некакви си длабоко промислени, визионерски или дипломатски идеи, туку последица на немањето безбедносен мускул и политички ‘рбет во справувањето со домашните политички првенци кои таа слабост одамна ја имаат препознаено и перфидно користено во стилот на  балканскиот рефрен "ќе се убијам, жими се, ако не си само моја”. За волја на вистината, чинам дека и ЕУ се има согласено на таа игра на мајка која после децениско размазување на сопствените немирни деца, сега претпочита да ги љуби од дистанца како наркомани на кои одвреме навреме им фрла грст пари и прогледува низ прсти кога внучињата ќе и украдат некој есцајг по дома.

„Лечење“ на клептократијата

Иако изворно различни, приодите од Вашингтон и Брисел имаат заедничка нота во тоа што се претопуваат и обесмислуваат во крајната дестинација. Искуствата од блиското минато и тековниот селективен пристап кон правдата потврдуваат дека САД веќе има прогласено амнестија за нивните досегашни "преферабилни владејачки демократи”. Кон кои сепак имаат непријатно должничко-доверително минато, но и обврска на спречување преседани кои би им ја отежнале и онака веќе ослабената аура на цврсти гарантори. Воедно, според известувањата од последниот лидерски Самит на ЕУ, Брисел веќе се има определено во прилог на "мудрата визија” на долевање бензин врз оган низ лечење на клептократијата преку инфузија на сто-милионски лесни евра во крвотокот на овдешната коруптократија.   

Последиците на овој приод од страна на меѓународната заедница можат лесно да се заклучат според досегашните искуства во кои замислените добри намери дегенерираа во домашна комерцијализација на идеологијата, демократијата и слободите според пресметката "колку пари, толку либерална-демократија”. Радува што некој таму на западот конечно ги препознава последиците на пирамидата која ја имаат создадено низ своите кратковиди пристапи. Во кои помошта упатена кон земјата, завршува во полза на владејачката (или преференцијалната опозициска) партија која во име на реформите ги преточува во сопствени медиуми и на крај во невладиниот сектор. Со што се заокружува фотосинтезата на корумпирање на општеството од страна на меѓународната заедница и домашните им партнери од доверба. Радува и тоа што Брисел и Вашингтон реагираат со огромно задоцнување и најавуваат испраќање на инспекторски делегации за испитување на реалните последици на одлуките на нивните овдешни претставништва. Она што помалку радува е тоа што – врз лични искуства засновано - е крајно наивно да се очекува дека таквите инспекции ќе резултираат во санкции по домашните и увезените од Брисел виновници. Пристапот на Вашингтон базиран врз идеолошка опсесија и фокусираност врз сегашниот Амбасадор – наместо на работата на Амбасадата од 2004 па до денес – упатува на заклучок дека наместо ефективна промена на пристапот, ќе добиеме само сеирџиска забава за народ низ масни медиумски наслови.        

Но, колку и да дневно политичкиот моментум во земјата и регионот е оптоварен со реанимација на етничките тензии, социјална нееднаквост и сеопшта бесперспективост, тие сами по себе се само последици на генетската клетка на проблемите денес и утре. А таа клетка е неказнивоста. Поточно нејзината ескалација до библиски размери, метастаза низ сите пори на општеството и култура на политички групен или личен акт. Почнувајќи од лежерниот однос на ЕУ кон домашните партнери и селективниот однос на Вашингтон кон конструктивни криминалци со рок на траење и нивна репликабилна рециклажа, па се до веќе добро познатите патриотски пљачки на владејачките ВМРО и ДУИ, и сакам-гледам-неќам-видам опозицискиот патрдичен однос кон борбата против криминалот и корупцијата. Неказнивоста е причината. Неказнивоста е матрицата. Неказнивоста е најтешкиот симптом на нашата немоќ. Делумно поради нашата историски наследена клановска зависност, делумно поради надворешното парцијално, непринципиелно и флексибилно партнерство со домашните злотвор-клонови.

Комерцијализација на про-реформскиот дух

Последиците на непроменетиот пристап на САД и ЕУ ќе бидат неминовни. Како прво, непроменливоста на политиките на Брисел и Вашингтон безрезервно и занавек ќе го дотепаат и последниот автентичен слој на изворна либерална мисла и дух (зародена во доцните 80ти) и го цементираат конвертитскиот пристап кон политиката според комерцијален или кариеристички мотив. Сегашната анемичност и духовна омртвеност која го има опфатено тенкиот либерален слој ќе резултира во нивно потполно напуштање на политичкиот спектрум, повлекувајќи се пред навалата на клонирани, статични и безидејни пропоненти на демагошка манипулација со национализмот како епитом на сувереноста, шовинизмот како катализатор на агресијата и лажното граѓанство како збег на урбаниот самоугоден НВО елитизам. Искуствата со пост-протестните реалности во Бугарија, во Романија и посебно пост-Гези демонстрациите и настаните во Турција се предострожни најави за реперкусиите кои неминовно ќе следат по комерцијализацијата и елитизацијата на про-реформскиот дух и решеноста на власта да не ја пропушти шансата за финална консолидација.  

Евидентното напуштање на реформскиот курс од страна на меѓународната заедница и домашните партнери секако придонесува кон цементирање на културата на неказнивост. Но тоа ниту приближно не подразбира испарување на горливата желба на домашната популација за санкционирање на недопирливите и неказнивите. Како исконска страст на човечката природа која не може да се задои, замолкне или заташка со периодични понижувачки „на 100 милиони евра и замолчи”, по принципот на сарма, од која власта ќе добие месо, а граѓаните ќе џвакаат зелка.

Напуштањето, па дури и најблагата релативизација на неказнивоста веќе вродува со видливи промени на курсот на општеството заморено од напразни очекувања за санкционирање на злоделата кон нив. Неподготвеноста на Западот политиката на награда за послушност да ја замени со санкции за аздисаност е најголемиот и најширокоград придонес на Брисел и Вашингтон кон принудувањето на гласачката средна класа надежта за спас од санкции кон сопствените сатрапи да ја побара некаде на друго место, поисточно, во братско-единствените прегратки на Путин или Ердоган и нивните „решителни реформи и остри санкции”. За разлика од европскиот приод на сочувување на истите политичари и замена на политиките, или пак американскиот пристап на нови политичари за исти политики, источната автократија ветува елиминација на двете. За јадосаните од владеењето на диктаторски пролетаријат и понижените од владеењето на дипломатско право секоја новина е надеж за излез и спас од канџите на криминалците. Па дури и доколку е на сопствена штета.

DW.COM

Поврзана содржина