1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Есенско заседание на ММФ и Светска банка

Денеска (08.10) во Вашингтон ќе се сретнат министрите за финансии и гувернерите на националните емисиони банки од 180 држави, во рамки на редовното Есенско заседание на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка.

default

Пред почетокот на состанокот, ММФ го претстави Извештајот за стабилност на финансиските пазари и неговите проекции за светската конјуктура. Потребата од советодавни разговори за актуелните економски трендови во светот е повеќе од очигледна.

На Пролетното заседание на двете посебни организации на Обединетите нации, новинарите знаеја само за една тема: гигантскиот пакет за спас на безнадежно презадолжената Грција. Директорот на ММФ, Доминик Штрос-Кан, тогаш изјави:

„Ќе им помогнеме на Грците ако биде неопходно. Но, да не се лажеме: Грците треба да вложат многу напори за излез од ситуацијата. Притоа, важно е да знаат дека не ги казнуваме поради некакви гревови, туку се обидуваме да ги вратиме нивните финансии на нормален колосек. Задачата ќе биде тешка и макотрпна. Затоа, не е во ничија корист ако замижиме пред таквата вистина.“

Либерализација, дерегулација и приватизација

Dominique Strauss-Kahn / IWF / Washington

Доминик Штрос-Кан, директор на ММФ

Типична алузија за имиџот на ММФ. Уште во 1982 година, кога започна со давање помош за Мексико под драстични услови, ММФ постојано како да повторува три основни барања: либерализација, дерегулација и приватизација. Но, тоа е веќе историја! Спорната финансиска институција одредува нов курс во својата политика, па сегашното мото гласи: „Повеќе кредити, поголема флексибилност, помалку услови“.

Ситуацијата во Грција, пак, деновиве е видно посмирена. Кон средината на септември, Европската комисија и ММФ ја пофалија земјата за напредокот во санацијата на државните финансии. Шпанија и Ирска, на кои им се припишуваше истата судбина како на Грција, донесоа строги програми за штедење. Освен тоа, и единствената европска валута успешно ја надмина кризата. Минатата недела беше забележана највисоката вредност на еврото во споредба со доларот во последните пет месеци.

Ова не значи дека состанокот во Вашингтон ќе остане без теми за дискусија. На последниот самит на Групата Г20 во Торонто не беше постигнат никаков напредок во реформата на финансиските пазари, а во светската екомонија се` уште постојат големи ризици. Државите постепено забележуваат добри резултати на економски план, но не се исклучува можноста за нова рецесија: многу од конјуктурните програми на државите се пред крај, централните банки се истрошени, а голем е и бројот на држави кои одредуваат строг курс за консолидација. Токму затоа, државите од Групата Г20, во Торонто договорија да ги преполоват дефицитите до 2013 година.

Најголема промена последниве дваесет години е напредокот на земјите во забрзан индустриски развој

Weltbank Präsident Robert Zoellick

Претседателот на Светска банка, Роберт Зелик

Од друга страна, реформите во ММФ и Светска банка и натаму се предмет на жестока дебата во јавноста: „Најголема промена последниве дваесет години во сферата на економијата, на очиглед на сите, е напредокот на земјите во забрзан индустриски развој како Кина, Индија, Бразил и Индонезија. Тие, за разлика од порано, овојпат не беа причинители на финансиската криза, туку извор на вистински економски пораст, што, пак, претставува процес со две острици: од една страна, постои согласност да им се дадат поголеми права на овие земји при донесувањето одлуки, но тоа истовремено значи дека ќе мора да преземат и поголема одговорност, било во слободната трговија, климатските промени или во давањето помош на сиромашните земји“, вели за Дојче веле Претседателот на Светска банка, Роберт Зелик .

Воопшто не треба да чуди фактот што земјите со забрзан економски пораст, но и Соединетите Американски Држави бараат измена на уделот и важноста на одлучувачките тела во рамки на двете финансиски институции, што ќе биде товар за Европејците на кои, пак, воопшто не им се брза со реформите.

Автор: Ролф Венкел / Далибор Стајиќ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM