1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ерлер: Проширувањето на ЕУ нема да биде приоритет во декември

Социјалдемократот Гернот Ерлер во изјава за ДВ подвлекува дека не очекува Европскиот совет во декември да ги земе предвид сите предлози на Европската комисија и се сомнева дека проширувањето ќе биде меѓу приоритетите.

„Секоја година преживуваме едно исто. Петта година по ред Комисијата предлага почеток на пристапните преговори со Македонија, и се забележува фрустрираност дека истите не се прифаќаат од Европскиот совет. Годинава уште еднаш се вели дека доколку се отворат пристапните преговори - тогаш ќе има и шанса во рамките на разработката на поглавјата 23 и 24 ( правосудството и основните права, слободи и безбедност) да дојде до решение и на спорот околу името. Ова е годинашниот предлог на Комисијата за проширување, кој до сега шефовите на држави и влади секогаш го одложувале, барајќи прво Македонија да го реши спорот со Грција околу името“, вели за ДВ Гернот Ерлер, познавач на регионот и пратеник на Социјалдемократите во новиот состав на Бундестагот.
Тој смета дека и овој декември шефовите на држави и влади ќе бидат воздржани и нема да преземат драматични чекори во сферата на проширувањето. Има различни предлози од Комисијата. Покрај за Македонија, на пример се бара на Албанија да ѝ се додели кандидатски статус, да започнат разговорите со Турција и сл.
„Не знам што ќе направат шефовите на држави и влади на декемврискиот самит, но сигурно нема да ги земат предвид сите предлози на Комисијата, а и не очекувам дека проширувањето ќе се најде меѓу приоритетите во нивната работа. Не треба да се заборави дека во Европската Унија сѐ уште има сили кои велат дека пред нови исчекори во проширувањето, ЕУ треба да си ги реши сопствените проблеми, односно да ја надмине финансиската криза. Што се однесува до Македонија, во Извештајот се забележува дека нема напредок во спорот со името. Се посочува и политичката криза со која минатиот декември се соочи земјата. Критики се упатени и за односот кон опозицијата, потоа кон медиумите, борбата против корупцијата и сл. Значи, не се сите воодушевени од развојот во Македонија иако по петти пат се дава препорака. Од друга страна не треба, меѓутоа, да се заборави дека Македонија од 2005 година е земја кандидат што е долг период без исчекор нанапред “, изјави за ДВ Гернот Ерлер кој кусо го коментира Извештајот за напредок и шансите во декември Унијата да ги отвори пристапните преговори со Македонија.