1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ерлер: Во јуни не очекувам драматични чекори за Македонија!

По средбата со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, Гернот Ерлер (СПД) за ДВ изјави дека во Македонија има позитивен развој, но поради спорот со името, во јуни не очекува отворање на пристапните преговори.

„Според моите очекувања, за Македонија во јуни нема да има драматични чекори. Се знае дека без решение на спорот со името со Грција, нема шанси да се оди напред во процесот на интегрирање“, изјави за ДВ Гернот Ерлер, заменик претседател на пратеничката група на социјалдемократите во Бундестагот, по средбата со македонскиот шеф на дипломатијата Никола Попоски. Ова беше прва од серијата работни разговори кои министерот Попоски денеска и утре ќе ги има во германската престолнина, а во чие средиште е извештајот за напредокот на Македонија на Европската комисија и развојот на преговорите околу решавање на спорот со името со Грција пред престојното јунско заседание на Европскиот совет.

Без мешања од страна

Nikola Poposki

Да се признае постигнатото! Побара во Берлин министерот Никола Попоски

„Разговаравме секако за последниот извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ, каде е наведена цела редица на позитивен развој. Министерот Попоски токму затоа и подвлече дека е потребно признавање на постигнатото. Но, независно од тоа, има цела низа проблеми кои не се решени. Се осврнавме и на спорот со името со Грција каде има придвижување и нов предлог од медијаторот Нимиц, за кој без присуство на јавноста течат советувања меѓу двете влади. Но, се знае дека без решение за името нема шанси да се оди напред во процесот на интегрирање“, коментира Ерлер според кого добро е што тешкотиите со Бугарија се делумно надминати.

Колкаво е влијанието на Европската унија доколку некој проблем сака да се реши покажаа минатонеделните случувања околу Србија и Косово и најавата за експресно доближување на македонските северни соседи кон ЕУ. На прашањето на ДВ - дали Германија или Европа можат повеќе да влијаат врз решение на спорот, Ерлер го подвлекува уште еднаш интересот на Германија за решение на спорот.

„Нема да има мешање од страна на ЕУ во деталите на спорот, но генерално од двете страни се бара да се изнајде решение, зашто никој нема интерес Македонија, која има напредок во реформите, да ја скршне од целокупниот процес“, дополнува Ерлер, според кого е многу важно во јуни да се сочува моментот на проширувањето со што ќе се врати довербата во целокупниот процес, што е во интерес и на Македонија.

Да се надмине апсурдноста

И парламентарецот Аксел Шефер (СПД) забележа дека добро е што Македонија оди во насока на ЕУ, но како подвлече, на министерот Попоски му го пренел и критичкото гледање на социјадемократите „кон националистичкиот развој и култот кон Александар Велики“, но и согласноста дека станува збор за ирационален спор со Грција околу името.

Dunkle Wolken über dem Reichstag

Цел на разговорите со пратениците во Бундестагот е да се забрза македонскиот пат во ЕУ

„Имаме апсурдна расправија. Среде Европа, на пример, има држава која се вика Луксембур, а во Белгија има регион кој го носи истото име – Луксембур. Тоа е така и точка! Од друга страна се знае дека напредок кон ЕУ е можен само доколку сите членки на ЕУ, па и Грција, се за тоа. Тоа е предуслов, и сметам дека расправијата е поапсурдна дури и од поделбата на Кипар“, коментира за ДВ Аксел Шефер, кој е дециден дека мора да се биде внимателен кога е во прашање изнаоѓање решенија однадвор и мешање во спорот, зашто помудро е да не се делат совети доколку некој не е прашан!

По средбата со Фолкер Каудер, претседател на пратеничката група на ЦДУ, министерот Попоски попладне има разговори со својот ресорен колега Гидо Вестервеле. На утрешната агенда на работната посета на Берлин, шефот на македонската дипломатија ќе разговара со повеќемина парламентаци од различните пратенички групи на Бундестагот.